Светските лидери денес ќе се соберат во турскиот медитерански град Анталија на дводневен самит во рамки на Конференцијата на ОН за климатски промени КОП31, при што турското претседателство ја става електрификацијата во центарот на напорите за претворање на климатските заложби во конкретни активности.
Туркије бара поддршка за предлогот за зголемување на уделот на електричната енергија во глобалната потрошувачка на енергија на 35 проценти до 2035 година. Електрификацијата подразбира замена на горивата што непосредно се користат во транспортот, зградите и индустријата со електрична енергија, на пример, преку премин кон електрични возила или топлински пумпи.
Преговарачите, исто така, настојуваат да постигнат напредок во транзицијата од фосилните горива.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, треба да се обратат на отворањето на самитот во Експо-центарот во Анталија. Шефовите на држави и влади во текот на двата дена ќе ги претстават националните ставови, паралелно со одржувањето тркалезни маси и билатерални средби.
Меѓу очекуваните говорници е и бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, чија земја беше домаќин на минатогодишните климатски преговори, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кинескиот потпретседател Хан Женг и претседателката на Маршалските Острови, Хилда Хајне. На самитот се очекува да се обратат и британскиот премиер Енди Барнам и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.
КОП31 започна во понеделник и ќе трае до 20 ноември.
Туркије претседава со конференцијата, додека австралискиот министер за климатски промени и енергетика, Крис Боуен, ги предводи преговорите.
Програмата за денес е посветена на нулта отпад, а утре ќе следуваат активности за зголемување на отпорноста на градовите и зградите на влијанијата од климатските промени. Финансиите и трговијата се на дневен ред в петок.
Сегментот на високо ниво продолжува на 17 и 18 ноември за земјите чии лидери нема да дадат национални изјави во текот на дводневниот самит.






















