Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави доцна во четвртокот дека Израел ќе одговори веднаш и со сила ако Иран нападне, велејќи дека „никој не може да ни каже што да правиме“, според израелските медиуми.
„Ако Иран нè нападне, ние ќе дејствуваме веднаш и ќе одговориме со сила. Никој не може да ни каже што да правиме, а ние го докажавме тоа“, рече Кац во интервју за Канал 14.
„Сите капацитети постојат и се градат“, додаде Кац, велејќи дека Израел би можел „веднаш да одговори или да дејствува подоцна“.
„Никогаш не сме побарале од САД да се борат со нас против Хезболах во Либан, против џихадистички елементи во Сирија или против Хамас во Газа“, тврди Кац. „Ние го правиме тоа сами“.
„Очекувавме, и сè уште очекуваме, дека САД ќе го поддржат нашето право и ќе ни дадат дипломатски чадор, а не воен, да дејствуваме против сите овие непријатели“, додаде тој.
„Во Либан, во Сирија и во Газа, нема да се поместиме од безбедносните зони“, рече Кац. „Ниту во Сирија, ниту во Газа, ниту во Либан, нема да заминеме таму под никакви околности.“
Изјавата дојде неколку дена откако САД и Иран потпишаа меморандум за разбирање за прекин на борбите на сите фронтови, вклучително и во Либан. Израелските претставници ја критикуваа одлуката и ветија дека нема да ги следат одредбите од договорот, што предизвика силен одговор од потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс.
Зборувајќи во Белата куќа претходно во четврток, Венс остро ги критикуваше членовите на израелската влада кои го нападнаа постигнатото разбирање меѓу Вашингтон и Техеран, велејќи: „Да бев во кабинетот на израелската влада, можеби немаше да го напаѓам единствениот моќен сојузник што ми остана во целиот свет.“
Ванс рече дека некои членови на израелската влада „многу лично го нападнаа претседателот на Соединетите Американски Држави.“
Пакистанскиот медијатор официјално објави дека меморандумот стапил на сила, со што Иран треба да започне со повторно отворање на Ормутскиот теснец за поморски сообраќај во замена за тоа САД да почнат да ја укинуваат својата поморска блокада врз Техеран.
И покрај договорот меѓу САД и Иран за кој се вели дека вклучува одредби насочени кон прекин на непријателствата во Либан, израелските напади продолжија по полноќ.
Според најновите официјални бројки, во воената офанзива на Израел во Либан од 2 март загинаа 3.912 лица, повредени се 11.873 други и раселени се повеќе од еден милион жители.
Израел, исто така, одржува присуство во Сирија. И покрај тоа што новата сириска администрација не упатува закани кон Израел, израелските сили извршија воздушни напади во Сирија по соборувањето на Башар ал-Асад, убивајќи цивили и таргетирајќи воени објекти, опрема и муниција.
Дополнително, Израел окупира палестински и либански територии и одбива да се повлече или да дозволи формирање палестинска држава, како што е предвидено во релевантните резолуции на ОН.


















