Љутков-Ерсој: Се продлабочуваат партнерството и соработката во културата и туризмот

Министрите разговарале за конкретни чекори за зголемување на бројот на турски туристи во Северна Македонија, како и за можностите за привлекување инвеститори од Туркије за развој на туристичката инфраструктура

By
Љутков-Ерсој: Се продлабочуваат партнерството и соработката во културата и туризмот / AA

Зоран Љутков македонскиот министер за култура и туризам, во рамките на дводневната работна посета на Република Туркије, во Анкара одржа билатерална средба со својот турски колега, Мехмет Нури Ерсој.

Министерството за култура и туризам на Северна Македонија соопшти дека на средбата, на која присуствувале и националниот координатор за туризам Акан Махмут и амбасадорот Јован Манасиевски, била нагласена подготвеноста за конкретна соработка во клучните сектори.

„Љутков и Ерсој ја нагласија подготвеноста за продлабочување на соработката во областа на културата и туризмот преку реализација на заеднички проекти, вклучително и дигитализација на културното наследство, развој на креативните индустрии, копродукции, како и унапредување на културниот туризам“, се вели во соопштението на Министерството.

Се додава дека министрите разговарале за конкретни чекори за зголемување на бројот на турски туристи во Северна Македонија, како и за можностите за привлекување инвеститори од Туркије за развој на туристичката инфраструктура.

Соговорниците се договориле во претстојниот период интензивно да работат на заеднички иницијативи кои дополнително ќе го зацврстат пријателството и партнерството меѓу двете земји.

На крајот од средбата, министерот Љутков упатил официјална покана до својот колега Ерсој во најскоро време да ја посети Северна Македонија.