Истражување: Нема врска меѓу зрачењето на мобилните телефони и ракот, но потребна е претпазливост
Дел од истражувањата покажале дека има промени во клетките, но оти тие се минливи, бидејќи штом престане изложеноста на зрачење од телефоните, тие се обновуваат, велат од Француската агенција за безбедност на храната, животната средина и здравјето
Француските истражувачи од националната агенција за храна и животна средина во средата предупредија дека, иако нема врска помеѓу брановите што ги емитуваат мобилните телефони и појавата на рак, тие сепак советуваат претпазливост при нивно користење, особено кога станува збор за деца.
Француската агенција за безбедност на храната, животната средина и здравјето (AНСEС) анализираше 250 научни студии што се занимаваа со ова прашање и дојдоа до заклучок дека нема врска помеѓу радио брановите на кои се изложени корисниците на мобилни телефони и развојот на рак, објавува БФМ ТВ.
Сепак, агенцијата советуваше претпазливост при користење на овие уреди, особено кога станува збор за деца кои ги користат сè почесто.
„Се фокусиравме на радио брановите што се користат преку комуникациски средства како што се телевизијата, радиото и мобилната телефонија, а не на ниските фреквенции што ги емитуваат високонапонските водови“, изјави службеникот на AНСEС, Оливие Меркел.
Тој додаде дека станува збор за јавно здравје, бидејќи секој е изложен на овие феномени, при што 98 проценти од луѓето над 12 години користат мобилни телефони чија технологија брзо се развива со воведувањето на 4Г и 5Г мрежите.
AНСEС анализираше 250 од илјада од најновите епидемиолошки и токсиколошки студии, кои не покажале врска помеѓу мобилните уреди и ракот, додека некои од експерименталните истражувања покажаа дека има промени во клетките, но дека тие се минливи, бидејќи штом ќе престане изложеноста на зрачење од телефоните, тие се обновуваат.
Сепак, научниците на агенцијата предупредуваат дека тоа не значи дека некои идни студии нема да укажат на нови елементи, и затоа, особено имајќи го предвид многу брзиот развој на мобилната технологија и употребата на 4Г и 5Г мрежите, неопходна е претпазливост, особено кај децата.
Тие исто така посочија дека употребата на слушалки ја намалува директната изложеност на зрачење, особено во градовите, но повикаа на постојана будност и редовно следење на изложеноста на населението на овие феномени.