Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Заедничкиот договор за одбрана од Мека, склучен со Пакистан и Саудиска Арабија, не е насочен против Иран, Израел или која било друга земја, нагласувајќи дека пактот има за цел да ја зајакне регионалната безбедност, капацитетите за одвраќање и стабилноста.
Во интервју за списанието Њузвик (Newsweek), Ердоган ги отфрли сугестиите дека договорот треба да се гледа како сојуз насочен кон спротивставување на Иран или Израел, независно од безбедносните гаранции на САД.
„Не би било точно да се гледа на Заедничкиот договор за одбрана од Мека како на сојуз формиран против Иран, Израел или која било трета земја. Овој договор ја одразува нашата заедничка одговорност за градење побезбедна, помирна и попросперитетна иднина“, рече Ердоган.
Турскиот претседател изјави дека Анкара долго време се залага земјите од регионот да преземат поголема одговорност за решавање на прашањата што влијаат врз регионот.
„Сакаме да ја консолидираме нашата безбедност, да ги зајакнеме капацитетите за одвраќање и да ја зацврстиме трајната стабилност низ нашиот регион“, рече тој.
Ердоган истакна дека договорот се заснова на правото на самоодбрана според член 51 од Повелбата на ОН и предвидува дека вооружен напад врз која било од трите земји би се сметал за напад врз сите страни.
Тој рече дека природата на каква било реакција би зависела од барањето и потребите на нападнатата земја.
„Оваа поддршка може да опфати разузнавачки информации, логистика или муниција, додека пообемна воена поддршка исто така би можела да дојде на дневен ред, во зависност од обемот на заканата“, рече Ердоган.
Тој додаде дека соодветните политички и воени механизми ќе одредат како ќе се спроведуваат таквите мерки, предупредувајќи да не се претпоставува дека договорот автоматски би покренал турска воена интервенција во случај на напад.
„Затоа, не би било правилно однапред да се крои автоматско воено сценарио за секој можен инцидент во Ирак, Јемен или на друго место“, рече тој.
Туркије може да соработува со сите страни
Ердоган, исто така, ја истакна дипломатската улога на Туркије во регионалните и меѓународните конфликти, наведувајќи дека Анкара останува способна да одржува дијалог со различни страни. „Од војната меѓу Русија и Украина до тензиите низ Блискиот Исток, Туркије е земја способна да комуницира со сите страни во конфликтите и да преземе иницијатива за мир“, рече тој.
Осврнувајќи се на односите со Израел, Ердоган го критикуваше она што го опиша како наратив во подем, кој ја прикажува Туркије како закана.
„Во Израел неодамна се поттикнува погрешен наратив што се обидува да ја прикаже Туркије како нов извор на закана“, рече Ердоган.
„Ние сметаме дека оваа реторика е поврзана со внатрешните политички процеси во Израел и со актуелната изборна клима. Не го сметаме таквиот дискурс за одговорен пристап што придонесува кон регионалниот мир.“
Стабилноста на Сирија
Ердоган ја истакна и важноста на стабилноста и единството во Сирија, наведувајќи дека случувањата таму би имале пошироки последици за регионот.
„Стабилноста во Сирија ќе придонесе за мирот и развојот на целиот наш регион, вклучително и Израел“, рече тој.
Ердоган изјави дека интегрирањето на сите вооружени елементи во централизирана државна структура е од суштинско значење за зајакнување на суверенитетот, територијалниот интегритет и општественото единство на Сирија.
„Ние го поддржуваме напредокот на овој процес врз основа на еднакво граѓанство и градење поредок во кој сите сириски жители- вклучително и Курдите- ќе се чувствуваат побезбедни, послободни и попросперитетни“, рече тој.
„Како што ќе се зајакнува единството на Сирија, така ќе се зајакнува и безбедноста на нашиот регион.“
Случувањата во Иран
Ердоган рече дека Туркије внимателно ги следи и случувањата во соседниот Иран, вклучително и она што го опиша како обиди на терористичката група ПКК/ПЈАК да ја искористи ситуацијата во земјата.
„Исто така, внимателно ги следиме обидите на ПКК/ПЈАК да ги искористат условите што произлегуваат од случувањата во Иран. Внатрешните прашања на Иран мора да бидат решени од самиот ирански народ, без надворешно мешање“, рече тој.
Ердоган нагласи дека пристапот на Туркије кон регионалната безбедност не се заснова на етничка припадност.
„Мерилото на Туркије никогаш не е етничкиот идентитет; тоа се тероризмот, насилството и заканите насочени кон нашата национална безбедност“, рече тој.
„Сметаме дека на ниту една заедница во нашиот регион не смее да ѝ се дозволи да служи како инструмент во посредничките војни на трети земји.“























