Руските вооружени сили денес извршија интензивен напад со високопрецизно оружје со долг дострел и беспилотни системи врз воено-индустриските објекти и енергетските објекти во Киев и регионот на Киев, како одмазда за нападите на украинската армија на руска територија, објави руското Министерство за одбрана.
Како што се додава во соопштението, во нападот врз Киев бил уништен радио-електронското претпријатие „Радионикс“, кое произведува системи за контрола на ракетите „Фламинго“, „Фаер Поинт“ и „Нептун“.
Производите на овој погон директно влијаат врз борбените способности на украинските воздухопловни сили, вклучително и нивната способност да се спротивстават на руската воздушна одбрана, објави Спутник.
Нападите врз Киев и неговата околина уништија и индустриски објект каде што се произведуваат и складираат радио-електронски системи за војување „Лима“.
Според руското Министерство, уништени се и бензински дистрибутивни станици во Киев и киевскиот регион кои ги снабдуваат украинските претпријатија од одбранбената индустрија, како и фабрика за производство и монтажа на ракетни компоненти која произведува и надградува нишани за оклопни возила на украинските вооружени сили и компоненти за беспилотни летала.
Дополнително, нападите на руските сили го погодија складиштето за гориво и мазива кое го снабдува Киевскиот гарнизон со дизел, како и транспортниот и логистички центар во кој се складирани беспилотни летала, боеви глави, муниција и компоненти на опрема.
Министерството додаде дека се погодени се и фабриката за производство на дронови „Атлон Авија“ во Киев, која ги снабдува украинските вооружени сили со беспилотни летала „Луџи“, како и фабриката за монтажа на делови од авиони „Антонов“ и киевската Радио фабрика.
Напади се извршени и врз воени аеродроми во регионите Киев, Дњепропетровск, Полтава, Черкаси и Чернихив.
Беспилотните системи „Герањ“ извршиле напади врз бензински пумпи што ги користи украинската армија, логистички центар за испорака и складирање на дронови во Николаевскиот регион.
Во исто време, руската армија ја презеде контролата и врз градот Пискуновка во ДНР, објави „Спутник“.
Државната служба за вонредни состојби на Украина, пак, соопшти дека најмалку седумнаесет лица се убиени во Киев, додавајќи дека операциите за пребарување и спасување се во тек на неколку локации, вклучувајќи ја и делумно урнатата повеќекатна станбена зграда.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, го оцени бројот на повредени на 86, од кои 70 се хоспитализирани, и го опиша нападот како „најмасовен“ од војната врз главниот град.
„Беше ужасна ноќ за Киев“, рече тој, додавајќи дека има „штети во сите области на градот“. Кличко рече дека во Киев е прогласен Ден на жалост на 3 јули.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија лансирала 74 ракети и 496 дронови со долг дострел за време на нападот, од кои повеќето биле насочени кон Киев. Четириесет и осум ракети и 476 дронови биле соборени или потиснати, но 25 балистички ракети и 12 дронови погодиле 33 локации.
До 7 часот наутро по локално време, како резултат на нападот, евидентирана е штета и уништување на повеќе од 30 локации во сите области на Киев.









