Рама: Албанија во 2030 година членка на ЕУ е цивилизациски избор
Рама рече дека денес се отворени сите поглавја на преговорите за членство во ЕУ и дека тоа е направено во рекордно време
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека Албанија во 2030 во Европската Унија (ЕУ) не е политичка цел, туку, според него, е цивилизациски избор.
Рама рече дека денес се отворени сите поглавја на преговорите за членство во ЕУ и дека тоа е направено во рекордно време.
„Денес европската иднина е на маса, каде што секој ден сме седнати заедно, лице в лице, ние и Европската комисија, со заедничка амбиција да ги затвориме преговорите до крајот на 2027 година. Албанија денес повеќе не е онаа Албанија што многумина од вас ја оставија зад себе. Тоа е земја што се менува секој ден, понекогаш бавно, понекогаш побрзо отколку што и ние сами очекуваме, но на несомнен и неповратен начин Албанија оди само напред. Албанија во 2030 во Европската Унија не е политичка цел, тоа е избор на цивилизација“, рече Рама.
Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, пак, нагласи дека Албанија се движи побрзо од кога било кон европската иднина што ја има проектирано.
Во Палатата на конгресите во Тирана денес се одржува четвртиот Самит на албанската дијаспора со неколку панели, а на отворањето на самитот присуствуваа и премиерот Рама и други функционери.
Самитот на албанската дијаспора што ќе трае до 15 април го организира Министерството за Европа и надворешни работи, под покровителство на премиерот Рама.