Карни во Пекинг: Канада и Кина започнуваат ново стратешко партнерство
Односите меѓу двете нации се нарушија во 2018 година поради апсењето на ќерката на основачот на Хуавеј од страна на Канада врз основа на американска потерница и одмаздничкиот притвор на двајца Канаѓани од страна на Кина под обвинение за шпионажа
Канадскиот премиер Марк Карни денес во Пекинг изјави дека Канада и Кина отвораат „ново стратешко партнерство“, прилагодено, како што изјави, на „новите глобални реалности“.
Карни сака да сврти нова страница во заладените односи, во обид да ја намали зависноста од САД, нивниот клучен економски партнер, бидејќи претседателот Доналд Трамп агресивно ги зголеми царините за канадските производи.
За време на разговорот со кинескиот претседател Кси Џинпинг, како дел од првата посета на канадски лидер на Кина во последните осум години, Карни рече дека ангажманот и соработката треба да бидат основа на новото партнерство.
Обраќајќи му се на Кси во Големата сала на народот, Карни рече дека „заедно можеме да градиме врз најдоброто од она што овој однос беше во минатото за да создадеме нов, прилагоден на новите глобални реалности. Ангажманот и соработката ќе бидат основа на нашето ново стратешко партнерство. Земјоделството, енергетиката, финансиите, тоа е местото каде што можеме да постигнеме најнепосреден напредок“, рече Карни.
Кси оцени дека односите на двете земји достигнале пресвртница по нивната средба на маргините на самитот на АПЕК во октомври 2025 година, наведувајќи дека здравиот и стабилен развој на односите меѓу Кина и Канада одговара на интересите на двете земји.
Односите меѓу двете нации се нарушија во 2018 година поради апсењето на ќерката на основачот на Хуавеј од страна на Канада врз основа на американска потерница и одмаздничкиот притвор на двајца Канаѓани од страна на Кина под обвинение за шпионажа.
Двете земји воведоа царини за извозот една на друга во годините што следеа, а Кина беше обвинета и за мешање во изборите во Канада.
Но, Карни бараше пресврт, а Пекинг исто така изјави дека е подготвен да ги врати односите на „вистинскиот пат“.
За време на посетата, Карни разговараше и со кинескиот премиер Ли Чијанг, а планирани се и средби со бизнис лидери.
Канада е особено погодена од американските царини за челик, алуминиум, возила и дрва, поради што владата во Отава постави цел за значително зголемување на извозот надвор од САД до 2035 година.
Сепак, САД остануваат најголемиот пазар за канадски стоки, додека Кина учествува со помалку од четири проценти во вкупниот канадски извоз.
Службениците на двете земји разговараа за намалување на царините и зголемување на трговијата, но сè уште не е постигнат конкретен договор.