Израелската агресија во 2026 година: Иднината на Газа и Западниот Брег

Ретки биле обидите да се спроведат санкции и осуди, како и активна дипломатија против Израел, крајно време е да се обидеме со таков пристап, не само заради Палестинците, туку и за да ги спасиме Израелците од самите себе

By
Конечно, постои желба Израел да се прошири во јужен Либан и јужна Сирија како дел од месијанската визија за реконструкција на библискиот голем Израел / AP

Постои заблуда што доминира во западните медиуми и политиката за тоа дека таканаречената војна во Појасот Газа е завршена. Следствено, новата нарација е дека борбите завршиле поради притисок од западните влади кои ги послушале барањата од нивните општества да стават крај на насилството во Појасот Газа.

Ова е заблуда на неколку нивоа и треба да се соочиме со неа бидејќи ќе продолжи да доминира во западниот пристап кон палестинското прашање воопшто и кон иднината на Појасот Газа особено.

Митот за „војната заврши“

Последните две години не беа војна, туку геноцид, а главната намера зад неа, имено, намалување на Појасот Газа и територијално и демографски, влијае на сегашните постепени и ненаметливи воени акции кои веќе доведоа до смрт на стотици Палестинци откако беше прогласен прекинот на огнот. Израел анектираше дел од Појасот, наводно за да го врати, доколку Хамас биде разоружан, но во исто време, министерот за одбрана Израел Кац ја објави намерата на Израел да изгради еврејски населби и воени бази на северниот дел од Појасот.

Исто така, работата за реконструкција и фундаментална хуманитарна помош е одложена, наводно затоа што сè уште има тело на израелски заложник кое не е вратено, но треба да се разбере, како што изјави Џора Еиланд, поранешен шеф на Советот за национална безбедност на Израел, дека дозволувањето на реконструкцијата на Газа не е во интерес на Израел.

Ова е транзиција од целосен геноцид во постепен, метод што Израел веќе го користеше во годините 2009 до 2023 година. Постои можност американскиот претседател Доналд Трамп да побара поинаква израелска политика, но тешко е да се изгради врз неговиот каприциозен пристап.

Единствениот позитивен аспект на неговиот пристап е неговото разбирање дека турското учество во реконструкцијата на Појасот и како дел од меѓународна сила е единствената гаранција дека, барем на краток рок, нема да бидат имплементирани сите израелски планови. Улогата на Туркије е главната јаболка на раздорот меѓу Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и останува да се види како ќе се реши тоа.

Долгорочни планови на Израел

Но израелските планови на долг рок треба да нè загрижат. Тоа оди подалеку од анексирање на дел од Појасот, веројатно градејќи населби и бази таму и се протега на Западниот Брег, а можеби и пошироко во некои соседни арапски држави.

Израелската политичка елита, и не е важно дали ќе има поинаква влада во 2026 година, сака да ја анексира Областа Ц на Западниот Брег. Како дел од оваа визија, армијата веќе изврши операции за етничко чистење во неколку бегалски кампови, како што се Џенин и Шамс ал-Дин, акции кои го избегнаа вниманието на меѓународното јавно мислење и уште еднаш ја разоткрија рамнодушноста на западните влади кон судбината на десетици илјади Палестинци оваа зима. 

А во исто време, другата операција за етничко чистење што започна пред години продолжува во Источен Ерусалим, долината на Јордан и планините Јужен Хеброн. Ова е придружено со активностите на „Младината од ридовите (hilltop youth), одмаздници во служба на владата кои секојдневно ги малтретираат Палестинците преку погроми. Ова е долгорочен план, а не случајна политика.

Слично на тоа, сомнителен двоен пристап е усвоен кон повеќе од еден милион Палестинци кои се граѓани на Израел. Од една страна, тешка политика што ја делегитимира нивната политичка активност во солидарност со народот на Газа, а од друга страна, охрабрување на криминалните банди да го тероризираат животот во нивните села и градови, со надеж дека тоа ќе предизвика емиграција. Повторно, ова е стратегија, а не еднократна политика.

Конечно, постои желба Израел да се прошири во јужен Либан и јужна Сирија како дел од месијанската визија за реконструкција на библискиот голем Израел. 

Ова треба да се сфати сериозно, заедно со желбата за враќање на конфронтацијата со Иран. Дел од овие провокации се должат на надежта на Нетанјаху да има избори во време на војна (или дури и да ги откаже нив и неговото судење поради војна), но за неговите идеолошки сојузници, овие конфронтации ќе го воспостават Израел како страшна регионална сила.

Дали сето ова ќе успее? Тешко е да се каже. Не секој во Израел е дел од оваа идеолошка ориентација, но таа доминира во израелското општество и политика. Многу зависи од регионалниот и меѓународниот одговор на овие случувања. Цврст одговор може да спречи ваков вид агресија и провокација, од кои Палестинците ќе бидат главни жртви.

Санкции и осуди, како и активна дипломатија се средства со кои ретко се обидувало да се применат против Израел. Крајно време е да се обидеме со таков пристап, не само заради Палестинците, туку и за да ги спасиме Израелците од самите себе.

Илан Папе

Авторот е директор на Европскиот центар за палестински студии на Универзитетот во Ексетер

Извор: АА

Напомена: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан