Политико: Унгарија и Русија тајно потпишаа план од 12 точки за соработка
Повикувајќи се на преходно необјавени документи од руската влада, Политико објави дека договорот го потпишале унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто и рускиот министер за здравство Мурашко.
Унгарија и Русија тајно потпишаа план од 12 точки за продлабочување на врските во енергетскиот, трговскиот и културниот сектор, објави вчера Политико.
Повикувајќи се на претходно необјавени документи од руската влада, Политико соопшти дека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и рускиот министер за здравство Михаил Мурашко го потпишале договорот по состанокот во Москва во декември.
Спогодбата има за цел да ја прошири соработката во секторите, вклучувајќи ја енергетиката, и им отвора врата на руските фирми да започнат нови проекти поврзани со електрична енергија и водород во Унгарија, се вели во извештајот.
Исто така, се предлага зголемување на учењето на рускиот јазик во Унгарија, како и проширување на програмите за образовна и културна размена.
Во еден документ се вели дека Русија и Унгарија „разговарале за актуелните прашања за билатералната трговска и економска соработка, заедничките активности во енергетскиот сектор, индустријата, здравството, земјоделството, градежништвото и други области од заеднички интерес, како и во културните и хуманитарните сфери“, додаде Политико.
Запрашан за документите, Сијарто изјави за Политико: „Билатералната соработка на Унгарија е водена од национален интерес, а не од никаков притисок за усогласување со екстремно пристрасните либерални мејнстрим медиуми“.
Одделно, полскиот премиер обвини неименуван министер на премиерот Виктор Орбан дека споделува документи на ЕУ со Русија, нарекувајќи го тоа „повеќе од шокантно“.
„Министер на Виктор Орбан му понудил на Сергеј Лавров да му испрати документи на ЕУ преку унгарската амбасада во Москва“, објави тој на американската социјална платформа X.
Извештајот доаѓа неколку дена пред општите избори во Унгарија, кои се закажани за недела.
Главниот предизвикувач на Орбан, Петер Маѓар, ја обвини администрацијата за „директно предавство“ поради нејзините врски со Москва.