Емине Јолџу, потомка на доселеници од Солун, која живее во округот Акдагмадени во турскиот град Јозгат, ја чува традицијата на „мухаџирскиот сомун“, наследена од предците, во печка стара околу 50 години.
Седумдесет и тригодишната Емине Јолџу, мајка на четири деца, чие семејство се доселило од Солун во Јозгат во 1923 година, се обидува заедно со снаата Пакизе Јолџу на идните генерации да им го пренесе рецептот за мухаџирски сомун со кисело тесто, кој го научила од мајката и свекрвата.
Членовите на семејството, особено во пресрет на Бајрам, за време на празниците и на посебни пригоди, се собираат со соседите и заеднички ги подготвуваат сомуните, кои ги печат во печката што Емине ја изградила во младоста.
Подготовката на традиционалниот мухаџирски сомун започнува еден ден претходно, со подготовка на киселото тесто.
Наутро се месат брашното, водата, солта и киселото тесто, а потоа тестото се остава да одмори околу еден до два часа. Потоа се става на штици и се обликува.
Обликуваното тесто се остава да ферментира уште околу 45 минути, додека традиционалната печка се загрева со дрва.
Откако ќе се исчисти внатрешноста на печката, сомуните се печат и потоа може да се чуваат подолго време.
Емине Јолџу за Анадолу истакна дека рецептот за мухаџирски сомун го научила од постарите во семејството и дека со години го подготвува на ист начин.
Раскажувајќи дека лебот го подготвуваат особено за Бајрам, во пресрет на празникот и кога се собираат со соседите, Јолџу рече:
„Ние го научивме од постарите, од нашите мајки и свекрви. Сега ги учиме и нашите снаи и внуци. Со пријателите и соседите го подготвуваме на денот пред Бајрам, а го јадеме за време на празничните денови. Го правиме со кисело тесто, па не се суши лесно. Го чуваме во фрижидер и го консумираме подолго време.“
Јолџу посочи дека печката ја изградила пред околу 50 години.
„Печката ја направив кога бев млада. Стара е. Под нејзиното дно, кое го изградивме од тули, ставивме скршено стакло и ќерамиди, а потоа истуривме бетон. Однадвор ја премачкавме со кал. Во оваа печка го печеме нашиот леб“, рече таа.
Се обидуваме да ги зачуваме нашата култура и традиција
Снаата Пакизе Јолџу рече дека рецептот за мухаџирски сомун го научила од мајка си.
Раскажувајќи дека во минатото, кога семејствата биле побројни, леб се подготвувал еднаш неделно, таа истакна:
„Кога живеевме во селото, некогаш јас, а некогаш мајка ми го месевме тестото. Правевме леб еднаш неделно бидејќи бевме многубројно семејство. Сега се собираме со соседите и заеднички го подготвуваме. Научив од мајка ми, а се обидувам да ги научам и моите деца. Се трудиме да ги зачуваме нашата култура и традиција.“
Четириесет и деветгодишниот Серхат Јолџу, син на Емине, истакна дека мухаџирскиот сомун, кој се пече во иста печка уште од неговото детство, има посебно значење за него.
Наведувајќи дека потекнува од семејство на доселеници во рамките на размената на населението меѓу Туркије и Грција, Серхат Јолџу рече дека печката го потсетува на постарите членови на семејството.
„Оваа печка е тука уште од моето детство. Има посебна приказна и навистина ме обзедоа емоции. Како потомок на семејство доселено во рамките на размената на населението, кога ја гледам печката, се потсетувам на животот на нашите баби, дедовци и предци овде“, рече тој.
Серхат Јолџу истакна дека особено сака да јаде мухаџирски сомун за време на Бајрам и дека семејството сака оваа традиција да ја пренесе на идните генерации.
Извор: АА





















