Воено беспилатно летало влезе во романскиот воздушен простор рано утрово и се урна во ненаселена област на округот Тулча, соопшти романското Министерство за одбрана.
Министерството соопшти дека неговиот радарски систем детектирал група воздушни цели во близина на украинската граница во 2:23 часот по локално време.
Два борбени авиони Ф-18 од шпанските воздухопловни и вселенски сили биле испратени за да ја следат ситуацијата, додека хеликоптер ИАР-330 СОКАТ на романските воздухопловни сили извршил мисија за воздушно извидување.
Во 3:21 часот по локално време, дронот влегол во романскиот воздушен простор околу 13 километри источно од Галатија.
Три минути подоцна, екипажот на романскиот хеликоптер пријавил дека дронот се урнал околу четири километри североисточно од селото Гринду во округот Тулча во ненаселена област.
Ударот предизвикал пожар кој сам се изгаснал, според информациите на министерството за одбрана на Романија. Нема пријавени жртви или материјална штета.
Воен тим бил испратен на местото на несреќата за да ја обезбеди областа и да ги испита остатоците од авионот.
Инцидентот се случил во близина на границата на Романија со Украина, во услови на постојана руска воена активност во соседна Украина.





















