Американската војска во вторникот употребила стратешки бомбардер Б-1 за да нападне цели на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) во Иран, објави „Аксиос“ повикувајќи се на американски официјални лица.
Ова е првата мисија на бомбардерот Б-1 од обновените конфликти меѓу САД и Иран пред 12 дена и претставува значително проширување на американската воена кампања, според американскиот портал.
Овој тип бомбардер може да носи десетици крстосувачки ракети или до 24 бомби со тежина од околу 900 килограми, поради што неговото распоредување претставува видлива ескалација на воената операција.
Б-1 може да лета побрзо од брзината на звукот на мали надморски височини, додека носи најголемо бомбоно оптоварување од кој било тип бомбардер.
Според американските официјални лица, Б-1 полетал од воздухопловна база во Велика Британија, а неговите движења биле снимени на јавно достапните услуги за следење на летовите.
Централната команда на САД (ЦEНТКOM) соопшти дека американските сили тој ден ги нападнале воените оперативни центри на Иран, поморските објекти, хангарите за авиони, магацините за беспилотни летала и логистичката инфраструктура, со цел да се намали способноста на Иран да го загрози комерцијалниот сообраќај во Ормускиот Теснец.
Не беше прецизирано кои цели ги погодил бомбардерот или дали неговата мисија имала поголем ефект од претходните воздушни напади.
За време на операцијата „Епски гнев“, која го означи почетокот на американските напади врз Иран, бомбардерите Б-1 извршија повеќе мисии врз локации за лансирање ракети, капацитети за команда и контрола, складишта за оружје и системи за противвоздушна одбрана.
Присуството на американската војска во регионот е зголемено, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста за враќање во пообемни борбени операции против Иран. Американските и израелските претставници велат дека таков потег би можел да се случи во наредните денови.
И покрај интензивирањето на американските напади, иранските власти не го променија својот став кон Ормускиот Теснец, еден од најважните морски патишта во светот за транспорт на енергија, и континуираните напади врз американските бази во регионот.
Трамп го предупреди Иран дека САД би можеле да нападнат мостови и енергетски објекти, вклучително и оние во Техеран, ако продолжат нападите врз бродови во Ормускиот теснец.
Техеран одговори со заканување на инфраструктурни објекти во сојузничките држави на Вашингтон во Персискиот Залив .
Во меѓувреме, Хутите од Јемен, поддржани од Иран, нападнаа саудиски бродови за прв пат откако објавија блокада на саудиските пристаништа.
Американските претставници проценуваат дека овој потег може да биде поврзан со напорите на Иран да отвори нов фронт во Црвеното Море и да изврши дополнителен притисок врз меѓународните поморски патишта.
Паралелно со воените операции, дипломатските напори продолжуваат.
Катарските медијатори разговараат со американски, ирански и омански претставници во обид да постигнат договор за повторно отворање на Ормускиот Теснец и прекин на конфликтот.
Според регионални извори, иранското раководство сè уште не го прифатило последниот предлог на медијаторот, според американскиот портал.























