Еден тон марихуана запленет во складиштето на една од шесте фирми на кои им е одземена лиценцата
Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција соопшти дека на шест компании им се одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели, поради констатирани низа недоследности во работењето
Еден тон марихуана е запленет во складиште на фирмата „Грин лајф“ во валандовското село Јосифово, една од шесте компании на кои им се одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели, потврдија за МИА од МВР.
„По наредба на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица, ОВР Валандово, денеска извршија претрес во простории на правен субјект за производство на марихуана во село Јосифово“, велат од МВР.
„Грин лајф“ се занимава со одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија, како и растенија за употреба во фармацијата, а операцијата е дел од континуираните акции за запирање на илегалната трговија со дрога.
Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција соопшти дека на шест компании им се одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели, поради констатирани низа недоследности во работењето.
„Денес упатуваме порака дека државата повеќе нема да гледа настрана таму каде што има сомнеж за злоупотреба на дозволи, пропусти во институционалниот надзор и ризик за јавниот интерес. Секторот за одгледување канабис за медицински цели мора да функционира строго законски, транспарентно, без „сиви зони“, без привилегирани и без заштитени“, истакна министерот Алиу.
Тој нагласи дека засилени вонредни контроли ќе се извршат кај сите правни субјекти, односно вкупно ќе бидат опфатени 43 правни лица.
Контролите се спроведуваат во соработка со МВР, МАЛМЕД, Инспекторат за земјоделство, ДСЗИ и други надлежни институции.
„Досега се извршени 13 контроли кај лиценцирани правни субјекти, при што кај 6 од нив се утврдени неправилности во постапувањето, согласно законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Поради тоа, Владата на денешната седница донесе одлуки за одземање на одобрението за одгледување канабис за медицински цели кај овие 6 правни субјекти“, појасни Алиу.