Косово: Нема возење со странски таблички подолго од три месеци без одобрение
Според измените на Законот за странци кои исто така стапија на сила лицата без косовски документи ќе мораат да аплицираат за дозвола за претсој во рок од 72 часа.
Денеска во Косово започна спроведувањето на Законот за сообраќај и Законот за странци, според кои возилата со странски регистарски таблички не можат да возат повеќе од три месеци без одобрение, додека лицата без косовски документи мора да аплицираат за дозвола за престој во рок од 72 часа.
Ова го потврди вицепремиерот за технички мандат Бесник Бислими, кој изјави дека во првата фаза од имплементацијата, на посетителите што влегуваат на граничните премини ќе им бидат обезбедени информативни материјали за процедурите и посебните правила и дека оваа фаза ќе трае до 15 март.
„После тоа, ќе започне целосната имплементација на процедурите и правилата предвидени во горенаведените закони“, рече Бислими.
Во разговор за локалните медиуми во Косово, заменик-директорот на полицијата за Северниот регион Ветон Елшани рече дека мерките главно се однесуваат на членовите на српската заедница кои користеле српски регистарски таблички или не поседуваат косовски документи.
Тој нагласи дека полицијата ќе го спроведува законот на терен од 16 јануари. Додаде дека возењето возила врз основа на привремена дозвола ќе биде дозволено само во итни случаи, со претходна најава.
„На пример, ако некој оди во болница, ние нема веднаш да го запреме ниту да му го запленеме возилото. Меѓутоа, ако истото лице повторно биде запрено во наредните денови, може да биде казнет со казна до 200 евра“, објасни Елшани.
Во меѓувреме, овие мерки беа оспорени од претставници на српската заедница и политичката партија Српска листа, кои повикаа на дополнително одложување и наоѓање решение преку дијалог.
Критички реакции дојдоа и од претставници на српската влада, кои предупредија дека целосното спроведување на мерките може да влијае на процесот на дијалог меѓу Косово и Србија.
Канцеларијата за Косово во српската влада ги оцени овие мерки како „нови ескалациски чекори“ и предупреди дека ако Европската унија и земјите од Квинту не реагираат, „Белград ќе биде принуден да разгледа соодветен политички и правен одговор на овие драстични кршења на основните права на српскиот народ преку нови еднострани и насилни мерки“.