Со положување цвеќиња на гробот на првиот претседател на Претседателството на Република Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, денес на Шехидските гробишта „Ковачи“ во Сараево беше одбележана 23-годишнината од неговата смрт.
„Алија ни остави обврска да го браниме тоа за што се избори најдобрата генерација што ја предводеше Босна и Херцеговина. Зашто еднаш на 500 години се случуваат оние пет години во кои на Бошњаците им беше исправен ’рбетот, во кои беше обновена државноста на Босна и Херцеговина, беа создадени армија и дипломатска мрежа во невозможни услови на блокада“, изјави Бакир Изетбеговиќ, претседател на Партијата за демократска акција (СДА) и син на покојниот претседател.
Осврнувајќи се на тоа колку денешна Босна и Херцеговина е блиску до државата што ја замислувал неговиот татко, Изетбеговиќ оцени „дека сите знаеме оти тоа не е совршено решение, ниту со она што беше постигнато во Дејтон ниту во постдејтонскиот период“.
„Но мислам дека се движиме кон нормална држава, каква што посакуваа покојниот Алија Изетбеговиќ и неговите соборци и за каква што се бореа. Трендот е таков, се движиме во таа насока, но многу бавно“, додаде Изетбеговиќ.
За ликот и делото на Алија Изетбеговиќ зборуваше и поранешниот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, кој рече дека зад него останала целовита и демократска Босна и Херцеговина, за која, секако, треба да продолжат да се борат.
„Алија Изетбеговиќ е најзначајна личност во современата историја на Босна и Херцеговина и секогаш ќе му оддаваме почит и ќе се сеќаваме на неговото дело“, рече Џаферовиќ.
Според него, два збора го одбележале животот на Изетбеговиќ – слобода и Босна.
„Цел живот се бореше за слобода и за целовита и демократска Босна и Херцеговина.“
Тој нагласи дека генерациите што доаѓаат треба темелно да го проучуваат делото на покојниот Изетбеговиќ.
„Генерациите што дојдоа и оние што доаѓаат по него, како и по сите нас, треба темелно да го проучуваат делото на покојниот Алија Изетбеговиќ, неговото пишано творештво и неговите пораки. Денес Босна и Херцеговина се наоѓа во некаков вид кризна ситуација и секогаш треба да се прашуваме како би постапил покојниот Алија Изетбеговиќ во дадениот момент. За мене тоа е клучно прашање кога зборуваме за покојниот претседател“, додаде Џаферовиќ.
На денешен ден во 2003 година почина првиот претседател на Претседателството на Република Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ.
Тој почина на 19 октомври 2003 година од срцева слабост. Според процените, на последното испраќање на Алија Изетбеговиќ присуствувале повеќе од 100.000 луѓе, како и голем број босанскохерцеговски и меѓународни претставници. Се претпоставува дека тоа бил најголем број луѓе што некогаш присуствувале на погребна молитва (џеназа) во Сараево.
Алија Изетбеговиќ беше прв претседател на Претседателството на меѓународно признаената држава Босна и Херцеговина и врховен командант на Армијата на Република БиХ за време на агресијата врз БиХ. Роден е на 8 август 1925 година во Босански Шамац, а почина на 19 октомври 2003 година во Сараево. Погребан е на Шехидските гробишта „Ковачи“ во Сараево.
Пораснал и се школувал во Сараево, каде што дипломирал на Правниот факултет. Работел како правен советник во неколку сараевски претпријатија. Поради своите политички убедувања и активности двапати бил затворан и осудуван. Во познатиот политички монтиран „Сараевски процес“, како првообвинет во група од 13 муслимански интелектуалци, бил осуден на 14 години затвор.
Тој го иницирал формирањето на Партијата за демократска акција, а на првото основачко собрание на СДА, на 25 мај 1990 година, станал нејзин прв претседател. По победата на СДА на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година, Изетбеговиќ бил избран за прв претседател на Претседателството на Република БиХ.
По првите повоени повеќепартиски избори во 1996 година бил избран за член, а потоа и за претседавач на Претседателството на БиХ.
По десет години на функцијата член на Претседателството на БиХ, во 2000 година, од здравствени причини, поднел оставка. Автор е на голем број публицистички трудови, студии и книги што се преведени на повеќе светски јазици.





















