Tепачка меѓу пилотите на патнички авион што летал од Дубаи кон Тел Авив наводно активирала код за киднапирање пред авионот да слета во Саудиска Арабија во средата, пишува израелскиот весник Инет.
Инет наведе дека авионот требало да слета на аеродромот „Бен Гурион“, а во авионот имало 174 патници, а тој накратко емитувал сигнал за опасност.
Со авионот управувала компанијата ФлајДубаи(flydubai) со седиште во Дубаи, а летот се одвивал од Дубаи кон Тел Авив кога се случил инцидентот.
Според извештајот, кодот што укажува на можно киднапирање бил активиран за време на расправијата во пилотската кабина.
Авионот потоа слетал на аеродромот „Табук“ во Саудиска Арабија.
Околу 90 минути по полетувањето, при влегувањето во јорданскиот воздушен простор, авионот го емитувал кодот „7700“- меѓународен код за општа вонредна состојба, соопшти весникот.
Потоа бил емитуван кодот „7500“, кој се користи за сигнализирање незаконско мешање во работата на авионот, вклучително и можно киднапирање.
Во исто време, авионот го променил правецот, се вратил во саудискиот воздушен простор и почнал да лета на мала височина над кралството, се наведува во извештајот.
Откако првично се упатил кон југ, авионот свртел кон запад, останувајќи во саудискиот воздушен простор, пред да слета во кралството.
Повредени капетанот и копилотот
Меѓународниот аеродром „Принц Султан бин Абдулазиз“ во Табук соопшти дека неговиот центар за контрола на летање примил повик за помош од летот ФЗ1073 на Флајдубаи во 8:44 часот наутро, со барање за принудно слетување.
Од аеродромот изјавија дека била прогласена вонредна состојба и биле направени подготовки за помош на авионот, кој безбедно слетал.
Аеродромот соопшти дека капетанот и копилотот се повредени и пренесени во болница за укажување неопходна медицинска помош.
Постојат спротивставени информации за националноста на двајцата пилоти. Канал 12 објави дека екипажот се состоел од руски пилот и украински копилот, додека Инет извести дека пилотот осомничен за обид за уривање на авионот е со потекло од Оман, а вториот пилот е од Обединетите Арапски Емирати.
Израелскиот Канал 12 подоцна објави дека инцидентот најверојатно не бил од безбедносна природа и оти властите проверуваат дали сигналот за опасност бил случајно активиран поради расправија меѓу пилотот и копилотот.
Авиокомпанијата подоцна ги известила израелските власти дека од Дубаи кон Саудиска Арабија ќе биде испратен заменски авион за да ги врати израелските патници кои биле на летот, пренесе Инет.
Во меѓувреме, Управата за аеродроми на Израел ги демантираше информациите дека воздушниот простор на земјата бил затворен за време на инцидентот.
Високи претставници од израелскиот сектор за воздухопловство изјавија дека сè уште не е исклучен сомнежот за безбедносен инцидент на летот на Флајдубаи.
Според првичната проценка на која се повикуваат претставниците, еден од пилотите наводно „се обидел да предизвика уривање на авионот“, додека другиот пилот успеал да го спречи обидот со помош на израелските патници.
Од Кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека ситуацијата е „под контрола“ и дека „се преземаат сите мерки за безбедно враќање на израелските патници во Израел“.




















