Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Туркије, Алпер Акташ, на која беа разгледани билатералните односи меѓу двете земји, како и можностите за унапредување на меѓусебната соработка.
Според соопштението на Министерството, посебен акцент е ставен на трговската размена и економската соработка, особено во областа на транспортната политика и инфраструктурното поврзување.
На средбата министерот ги претстави развојните политики на Владата и плановите за подобрување на инфраструктурната поврзаност во регионот.
Николоски нагласи дека Македонија претставува поволна дестинација за инвестиции и порта за поврзувањето со Централна Европа.
Во таа насока беше истакнато дека присуството на голем број турски компании што инвестираат во земјава претставува потврда за развиените пријателски односи меѓу двете држави, како и за потенцијалот за натамошно унапредување на економското партнерство.
Соговорниците ја потврдија важноста на продолжувањето на соработката меѓу Северна Македонија и Туркије во повеќе области, со посебен акцент на економијата, поврзувањето на граѓаните и развојот на туризмот.
Во делот на туризмот беше нагласено дека постојат огромни потенцијали за поврзување меѓу двете земји, со цел поттикнување на туристичките посети и продлабочување на меѓусебните врски.
Како што се наведува, средбата претставува можност за зајакнување на партнерството меѓу Македонија и Туркије, во интерес на економскиот развој, новите инвестиции и унапредувањето на севкупните билатерални односи.




























