Вучиќ и Бабиш го поддржаа Орбан во пресрет на изборите во Унгарија
– Лидерите на Србија и Чешка порачаа дека Орбан заслужува поддршка поради стабилноста и пријателството меѓу државите
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и чешкиот премиер Андреј Бабиш изразија поддршка за унгарскиот премиер Виктор Орбан во пресрет на парламентарните избори што ќе се одржат во Унгарија во недела.
Вучиќ во објава на Инстаграм наведе дека Србија ќе остане благодарна на Орбан без оглед на исходот од изборите, истакнувајќи го неговиот придонес во односите меѓу двете земји.
„Не знам дали Виктор ќе изгуби или ќе победи. Само знам дека сум му бескрајно благодарен за пријателството меѓу Србите и Унгарците“, порача Вучиќ.
„Без Орбан тоа пријателство немаше да постои“, додаде тој.
Тој нагласи дека Србија и во случај на изборен пораз на унгарскиот премиер ќе остане благодарна за неговата досегашна работа.
„Каков и да биде резултатот, му благодарам на Виктор за сè и поддршка утре на изборите“, порача Вучиќ.
Слична порака на поддршка упати и премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, кој на социјалната мрежа X, со седиште во САД, наведе дека го поддржува Орбан поради, како што рече, неговата политика на стабилност и суверенитет.
„Го поддржувам Виктор Орбан оваа недела. Тој секогаш се бореше за посилна Европа“, напиша Бабиш, додавајќи дека се залага за Европа заснована на мир, суверени нации и конкурентност.
Тој исто така наведе дека Орбан ги штител унгарските граѓани и националните интереси и порача дека во турбулентни времиња стабилноста и провереното лидерство имаат поголемо значење од кога било.
Унгарија во недела ќе одржи парламентарни избори, а според последните анкети, партијата на Орбан, Фидес, заостанува зад опозициската партија Тиса.
















