Европските десничари по пресудата на Ле Пен: Брисел ни објави војна
Во Париз ја осудија Марин Ле Пен и би сакале да ја исклучат од политичкиот живот - грд филм што го гледаме и во други земји како Романија, изјави заменик-премиерот на Италија, екстремно десничарскиот Матео Салвини
Осудувањето на Марин Ле Пен, лидерката на француската крајнодесничарска партија Национален собир на четири години затвор за проневера на фондовите на ЕУ предизвика реакции кај француските и европските политичари, а одлуката на судот е особено критикувана од десничарските партии.
Судот освен затворска и парична казна, пресуди и забрана завршење политичка функција, што значи дека Ле Пен нема да може да се кандидираа за француски претседател во 2027 година, дури и ако поднесе жалба.
Претседателот на партијата Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, Џордан Бардела, изјави дека таа е неправедно осудена и дека пресудата е „погубување на француската демократија“, објави Ројтерс.
Францускиот десничарски политичар Ерик Земур ја осуди одлуката на судот, наведувајќи дека таа има легитимно право да учествува на изборите.
Фабиен Русел од Француската комунистичка партија рече дека одлуката на судот мора да се почитува.
Пратеникот на Републиканската партија во францускиот парламент, Ерик Чиоти, оцени дека пресудата против Ле Пен ја уништила демократијата во Франција бидејќи, како што наведе, „фаворитот на претседателските избори бил спречен да се кандидира“.
„Тоа е систем за стекнување моќ кој систематски го отфрла секој кандидат кој е од десницата и кој има шанси да победи“, рече Чиоти.
Партијата Непобедлива Франција го осуди користењето на судовите за да го спречи дејствувањето на Националниот собир и најави дека против тоа ќе се бори и на избори и на улица.
Француската партија на зелените соопшти дека Марин Ле Пен мора да ја отслужи казната бидејќи е осудена како и секој друг граѓанин.
Заменик-премиерот на Италија, екстремно десничарскиот Матео Салвини, рече дека „луѓето кои се плашат од пресудата на гласачите честопати се смируваат со судска одлука“.
Тој рече дека осудата на Ле Пен е објава на војна од страна на Брисел.
„Во Париз ја осудија Марин Ле Пен и би сакале да ја исклучат од политичкиот живот - грд филм што го гледаме и во други земји како Романија“, посочи Салвини.
Тој рече дека десното крило нема да се предаде.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на платформата Х во врска со пресудата за Ле Пен напиша: „Јас сум Марин“.
Претседателот на шпанската десничарска партија „Вокс“, Сантијаго Абаскал изјави дека „нема да успеат да го замолчат гласот на францускиот народ“.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека се повеќе европски метрополи се движат кон газење на демократските норми.
„Се разбира, ние не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на Франција, никогаш не сме го направиле тоа, а ова е внатрешно прашање на Франција. Но генерално, нашите набљудувања на европските престолнини покажуваат дека тие воопшто не се двоумат да излезат подалеку од демократијата за време на политичкиот процес“, рече Песков.