Зеленски: Без датум за членство во ЕУ, Русија може да ја блокира Украина со децении преку поделба на Европа
„Ние никогаш не ја избравме оваа војна. Не ја започнавме и не ја предизвикавме и правиме сѐ што може за да ја запреме“, изјави тој, додавајќи дека Москва повеќепати донела „многу суров, безмилосен антиeвропски проект“ на континентот
Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес ја нагласи важноста од утврдување јасен датум за пристапување на Киев во Европската Унија (ЕУ), оценувајќи дека тоа е клучен елемент во тековните дипломатски напори за ставање крај на војната со Русија.
Обраќајќи им се на европратениците преку видеоконференција за време на вонредната пленарна седница во Брисел, по повод четири години од почетокот на војната, Зеленски им се заблагодари на Европејците за „постојаното внимание, постојаната поддршка и цврстиот став“.
„Ние никогаш не ја избравме оваа војна. Не ја започнавме и не ја предизвикавме и правиме сѐ што може за да ја запреме“, изјави тој, додавајќи дека Москва повеќепати донела „многу суров, безмилосен антиeвропски проект“ на континентот.
Зеленски посочи дека Украина ја задржува Русија, но сѐ уште нема обезбедено трајни безбедносни гаранции, нагласувајќи дека сигурноста може да се обезбеди „заедно во Европа, заедно со Америка“ и покрај предизвиците во одржувањето на трансатлантското единство.
Тој истакна дека одредената временска рамка за членство во ЕУ е „многу важна како дел од дипломатскиот процес во моментов, во рамките на сета дипломатија насочена кон завршување на војната“.
„Ова не е само желба туку јасно разбирање за тоа како ќе постапи (рускиот претседател) Владимир Путин. Ако нема датум, ако нема таква гаранција, тој ќе најде начин да ја блокира Украина со децении преку тоа што вас ќе ве подели, ќе ја подели Европа“, предупреди Зеленски.
Украина официјално аплицираше за членство во ЕУ набрзо по почетокот на војната во февруари 2022 година, а подоцна истата година доби кандидатски статус.
Украинскиот претседател, исто така, ги повика европските земји да го применат „целиот спектар на заштита“ против Русија, од строги санкции до континуирана поддршка за цивилите погодени од руските напади.
„Не смее да има место во слободниот свет за руската нафта, за руските танкери, руските банки. Дојде време целосно да се забранат сите учесници во руската агресија од цела Европа“, изјави Зеленски.