Зеленски: Украина нема ниту законско, ниту морално право да ги предаде своите територии на Русија
Украинскиот претседател изјави дека синоќа во Брисел имал „добар и продуктивен состанок“ со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина нема ниту законско, ниту морално право да ги предаде своите територии на Русија.
Вчера, во разговор со новинари во Лондон, тој рече дека САД работат на наоѓање компромис што ќе ги задоволи двете страни.
„Дали го разгледуваме прашањето за отстапување на какви било територии... Немаме право според законот, според законот на Украина, според нашиот Устав, според меѓународното право. Исто така, немаме морално право“, нагласи Зеленски.
Како што објави Укринформ, Зеленски рекол дека „Русија секако инсистира да се откажеме од територијата“.
Тој исто така изјави дека учесниците во преговорите, кои во моментов разговараат за мировната иницијатива со посредство на САД, имаат различни визија за прашањето на териториите на истокот од Украина.
Украинскиот претседател изјави дека синоќа во Брисел имал „добар и продуктивен состанок“ со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Се сретнав со лидерите за ситуацијата на дипломатскиот фронт. Детално разговаравме за нашата работа со американските партнери за чекорите кон мир, безбедносните гаранции и зајакнувањето на нашата отпорност“, напиша Зеленски во објава на платформата X.
Според него, на Украина ѝ недостасуваат околу 800 милиони долари за да купи американско оружје до крајот на оваа година со помош на европските сојузници.
Тој додаде дека следната година на Украина ќе ѝ бидат потребни околу 15 милијарди долари за програмата ПУРЛ на НАТО, која вклучува купување американско оружје со европски пари.
„Нашите ставови се усогласени по сите прашања. Дејствуваме на координиран и конструктивен начин. Ви благодарам за состанокот и за вашата поддршка“, истакна Зеленски.
Украинскиот претседател претходно оствари средба со британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц претседателот на Франција, Емануел Макрон.