Во Србија повторно ќе се служи задолжителен воен рок од 75 дена

Гашиќ истакна дека во претходните години државата инвестирала значителни средства во опрема, инфраструктура и логистика, што создало услови за повторно воведување на воената служба

By
Во Србија повторно ќе се служи задолжителен воен рок од 75 дена / AP

Српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ, изјави дека се создадени услови за повторно воведување на задолжителен воен рок во траење од 75 дена и дека одлуката за почеток на служењето ќе зависи од глобалните околности.

Гашиќ изјави дека воената служба би можела да започне во декември оваа година или во март 2027 година, во зависност од развојот на меѓународната ситуација.

Според неговите зборови, 60 дена би биле наменети за обука во касарните, додека дополнителни 15 дена би биле посветени на теренска обука.

„Не одредивме тукутака 75 дена. Армијата е учителка на животот и сигурно е дека регрутите ќе научат многу корисни работи што ќе им бидат корисни во иднина“, рече Гашиќ.

Тој додаде дека по завршувањето на основната обука, регрутите ќе бидат поканети на воени вежби во наредните години за да ги подобрат стекнатите знаења.

Гашиќ истакна дека во претходните години државата инвестирала значителни средства во опрема, инфраструктура и логистика, што создало услови за повторно воведување на воената служба.

Тој изјави дека воените складишта во моментов се добро снабдени со храна, енергија, опрема, униформи и оружје потребни за обука.

Зборувајќи за безбедносната состојба, министерот рече дека српската Армија во моментов ги обезбедува клучните критични инфраструктурни објекти, вклучително и складиштето за гас во Банатски Двор, поради зголемените глобални ризици.​​​​​​​

Тој додаде дека Армијата, доколку е потребно, ќе ги заштити и другите важни објекти низ целата земја.