Документи поврзани со Епштајн содржат преписки во кои се споменува францускиот претседател Макрон
По објавата на заменик-јавниот обвинител на САД, Тод Бланш, кој минатата недела најави објавување на над 3 милиони дополнителни страници документи поврзани со истрагата за Епштајн, името на Макрон привлече внимание во јавноста
Новообјавени документи поврзани со починатиот сексуален престапник Џефри Епштајн содржат преписки и референции во кои се споменува францускиот претседател Емануел Макрон.
По објавата на заменик-јавниот обвинител на САД, Тод Бланш, кој минатата недела најави објавување на над 3 милиони дополнителни страници документи поврзани со истрагата за Епштајн, името на Макрон привлече внимание во јавноста.
Неговото име се појавува во повеќе документи од периодот пред и по неговиот прв избор за претседател во 2017 година.
Според записите, Епштајн тврдел дека Макрон побарал негова помош за различни прашања.
Во е-пошта пратена од Епштајн на 17 септември 2018 година до претседателот и извршен директор на Светскиот економски форум (СЕФ), Бјорге Бренде, тој навел дека информациите се доверливи и пренел изјава припишана на Макрон.
„Од Макрон: Сметаме дека треба да размислиме повторно, да ги обновиме и да гo смислиме (i) управувањето и форматот на меѓународните институции, (ii) обврските и односите меѓу јавниот и приватниот сектор и (iii) социоекономските инструменти за подобро справување со овие предизвици. Кои социоекономски иновации би ги поддржале за промовирање на попрогресивна’ иднина?“, се наведува во пораката.
Во посебна е-пошта пратена до Епштајн на 22 март 2016 година, бизнисменот од Обединетите Арапски Емирати, Султан Ахмед бин Сулајем, напишал дека присуствувал на ручек во Елисејската палата и разговарал со Макрон, кој тогаш бил министер за економија.
„Имав ручек во Елисејската палата. Имав пријатен разговор со францускиот министер за економија, господин Макрон, за нашиот бизнис во Франција“, се наведува во пораката.
Во друга е-пошта од 12 септември 2018 година Епштајн му напишал на американскиот бизнисмен Том Прицкер, споменувајќи средба со Макрон.
„Жак вечерва има вечера со Макрон, па тајмингот беше совршен“, напишал тој.
Во размена на пораки од 30 август 2018 година Епштајн тврдел дека Макрон барал негов совет „за речиси сè, вклучително и институции, политики и наука“, додавајќи дека францускиот претседател „сака да ја води Европа, а можеби и светот“.
Американското Министерство за правда неодамна објави повеќе од 3 милиони страници, 2.000 видеа и 180.000 фотографии поврзани со случајот Епштајн, во согласност со Законот за транспарентност на досиејата за Епштајн, кој беше потпишан од претседателот Доналд Трамп на 19 ноември минатата година.
Документите вклучуваат фотографии на јавни личности, транскрипти од големата порота и истражни материјали, при што голем дел од нив се цензурирани за заштита на жртвите.
Дополнителни 30.000 документи беа објавени минатиот вторник, а во средата беше соопштено дека се примени уште над еден милион потенцијално релевантни документи.
Епштајн беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк на 10 август 2019 година, додека го очекуваше судењето. Тој се соочуваше со федерални обвиненија за водење мрежа за сексуална трговија со малолетни девојчиња и жени.