Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска го повика американскиот претседател Доналд Трамп да ги испочитува ветувањата дадени на арапските земји за спречување на раселувањето на Палестинците и анексијата на палестинската земја.
Абас го упати овој повик во однапред снимен говор на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН, откако втора година по ред не беше во можност лично да присуствува на собирот.
Тој ги повика САД да соработуваат со палестинското раководство и меѓународната заедница за спроведување на решението со две држави, засновано на меѓународното право.
Абас изјави дека Палестинците го поздравиле мировниот план на Трамп, „но не виделе никаков напредок на терен“.
Тој исто така ги предупреди светските лидери да не дозволат „повторување на Накба и масакрите“ што Палестинците ги претрпеа во 1948 година.
Палестинскиот претседател рече дека неговиот народ се соочува со еден од „најопасните периоди во својата историја“, наведувајќи ги убиствата, уништувањето, гладот и обидите за присилно раселување во Појасот Газа.
Aбас истакна дека секој преоден период мора на крајот да доведе до повторно обединување на Појасот Газа и окупираниот Западен Брег во една палестинска држава со единствена легитимна вооружена сила.
Тој исто така го обвини Израел дека задржува повеќе од 6 милијарди долари палестински средства и побара нивно итно ослободување.
Абас ги отфрли, како што ги нарече, казнените мерки со кои нему и на членовите на палестинската делегација им се оневозможува присуство на Генералното собрание, велејќи дека ограничувањата ги прекршуваат обврските на САД како земја-домаќин на Обединетите нации.
Тој го повика Вашингтон да ги повлече мерките и да му овозможи на палестинското раководство целосно учество на состаноците на ОН.























