Филипини: Вулканот Мајон на трето ниво на тревога, граѓаните предупредени да се држат настрана
Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (Phivolcs) соопшти дека вулканот и натаму е високо активен, при што се забележуваат текови лава, пирокластични струи и чести одрони на карпи
Вулканот Мајон на Филипини и понатаму се наоѓа на трето ниво на тревога бидејќи веќе 23 дена се регистрираат еруптивни активности, соопштија надлежните институции, повикувајќи ги граѓаните да останат подалеку од опасната зона.
Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (Phivolcs) соопшти дека вулканот и натаму е високо активен, при што се забележуваат текови лава, пирокластични струи и чести одрони на карпи, пренесуваат локалните медиуми.
Во период од 24 часа до полноќ регистрирани се 21 вулкански земјотрес, 351 одрон на карпи и 64 пирокластични струи.
Дополнително, забележано е испуштање на 1.474 тони сулфур диоксид, како и вулкански облак што се издигнал на височина од околу 1.000 метри над кратерот и се движел кон северозапад и западно-југозападен правец.
Надлежните власти предупредија дека постојаните ризици вклучуваат одрони, свлечишта, лавини, фонтани од лава, умерени експлозии и појава на лахари, особено за време на обилни или продолжени врнежи од дожд.
Жителите и посетителите се повикани строго да ја почитуваат забраната за движење во постојаната зона на опасност во радиус од шест километри околу вулканот.
Вулканот Мајон еруптирал повеќе од 50 пати во изминатите 500 години и се смета за еден од најактивните вулкани во регионот.