Тројца Палестинци се убиени, а повеќе од 30, меѓу кои и четири деца, се повредени во израелските напади низ Појасот Газа вчера, соопштија медицински извори.
Во нападите биле погодени Газа, Кан Јунис и централниот град Ал-Завајда, при што биле погодени шатори во кои се засолнуваат раселени семејства, група цивили и едно возило.
Во северниот дел на Газа, во израелски напад со беспилотно летало е погодено цивилно возило во населбата Ал-Сафтави, при што еден Палестинец е убиен, а неколкумина се повредени, соопшти медицински извор од болницата „Ал-Шифа“.
Друг Палестинец, 50-годишниот Мухамед Хадер Аџур, починал од повредите здобиени кога израелско беспилотното летало погодило шатор на покривот од неговиот дом во близина на болницата „Ал-Шифа“.
Десет Палестинци се повредени, од кои двајца критично, кога во израелски напад бил погоден шатор во густо населена област во централниот дел на Газа.
Во јужниот дел на Газа, во напад со беспилотно летало врз шатор во кој биле засолнети раселени Палестинци во областа Ал-Маваси во Кан Јунис било усмртено едно лице и повредени седум други.
Уште осум Палестинци, меѓу кои четири деца, се повредени во друг напад во близина на шатор за раселени лица во Ал-Маваси, при што две лица се во критична состојба.
Израелските воени возила отвориле оган и источно од Кан Јунис, при што еден Палестинец е повреден, додека во друг напад со дрон врз собир на цивили во Ал-Завајда се повредени две лица.
Според најновите податоци на Министерството за здравство во Газа, до вчера во израелските прекршувања на договорот за прекин на огнот се убиени 1.372 Палестинци, а 4.659 се повредени.
Од 8 октомври 2023 година, Израел уби повеќе од 73.000 Палестинци и повреди над 174.000 други во неговата геноцидна кампања во Газа, при што се уништени околу 90 отсто од инфраструктурата на енклавата.






















