Стопанската комора на Македонија набргу до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се свел на 13, а празниците што се паѓаат во недела повеќе не би се префрлале како неработен ден во понеделник.
На денешната прес-конференција, проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска, истакна дека предлогот не предвидува укинување на постојните празници, туку ревидирање на правото на користење неработни денови.
„Па дури и сега ваква поставеност на системот може да се третира како систем што не е во согласност со Уставот бидејќи некако ги става во нерамноправна позиција граѓаните припадници на разни групи. Ако одиме по таа логика, припадниците на српската заедница или влашката заедница, доколку се православни, имаат најголем број на неработни денови - 11 за сите, пет кои се однесуваат на припадници на православна вероисповед и дополнителни денови кои се однесуваат на конкретната етничка заедница. За сметка, да речеме, на припадник на исламска вероисповед, којшто има помалку денови кои му се предвидени за прослава по однос на ваквите религиски празници. Така, на пример, еве постои небулоза, да речеме, Свети Сава празникот, што кај нас е предвиден како неработен ден за припадници на српската етничка заедница, во соседна Србија не е неработен ден“, рече Димовска.
Според предлогот, при засновање работен однос секој вработен би избрал кои два дополнителни празници, покрај 11-те што важат за сите граѓани, ќе ги користи како неработни.
Комората предлага и празниците што паѓаат во недела повеќе да не се префрлаат како неработен ден во понеделник.
Според нивната анализа на 36 европски економии, во околу 70 проценти од земјите бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14, а во Македонија има 11 неработни денови што важат за сите граѓани, но ако на нив се додадат петте дополнителни празници за православните верници, бројката достигнува 16.
Од Комората сметаат дека големиот број отсуства од работа создава финансиски и организациски проблеми за компаниите и негативно влијае врз продуктивноста.
Таа додаде дека во повеќе од половина од анализираните европски држави празниците не се префрлаат во нареден работен ден доколку се паднат за викенд.
Димовска посочи и дека повеќето од празниците и продолжените викенди граѓаните ги користат за патувања во странство, што, според неа, значи и одлив на потрошувачка надвор од земјата.
„Повеќето од празниците ги минуваме во странство и потрошувачката и приходите се насочуваат кон економии на други држави“, нагласи Димовска.






















