Лига на шампиони: ПСВ го понижи Ливерпул на Енфилд, Арсенал подобар од Баерн
Бранителот на титулата, ПСЖ во Париз го победи Тотенхем со 5:3, иако гостите водеа со 0:1 и 1:2 и имаа и 3:3, а потешко од очекувањата до победа дојде и Реал во Пиреја, кој славеше со 3:4 против Олимпијакос
Кризата на фудбалерите на Ливерпул продолжува по поразот 1:4 од холандскиот ПСВ Ајндховен на Енфилд, во петтото коло од Лигата на шампионите во кое ПСЖ славеше против Тотехнем по пресврт, а Мбапе постигна четири гола во победата на Реал над Олимпијакос.
Гостите од Ајндховен потврдија дека Ливерпул е во голема играчка и резултатска криза. Во шестата минута беше досуден пенал за ПСВ, а хрватскиот интернационалец Иван Перишиќ беше сигурен за водство од 0:1. Ливерпул, сепак, не заостануваше долго, бидејќи Собослај постигна гол за 1:1 во 16. минута.
Многу брзо на почетокот од второто полувреме, ПСВ го врати водството, со голот на Тил во 56. минута. Во 73. минута Дриуех, кој го замени Перишиќ на теренот само неколку минути претходно, постигна гол за 1:3, а сè заврши со неговиот втор гол во 91. минута.
Големото дерби се одигра на стадионот „Емирати“, каде што се сретнаа Арсенал и Баерн, тимови кои имаа максимални четири победи до ова коло. Арсенал остана 100% успешен, победувајќи со 3:1.
Арсенал поведе во 22. минута кога лондонскиот тим повторно покажа колку е силен при изведување на корнери, кога Тимбер скокна највисоко и ја затресе мрежата на Баварците. Сепак, Баерн брзо се врати во игра. Само десет минути подоцна, Карл израмни на 1:1.
Во средината на второто полувреме дојде клучниот удар на Арсенал на патот кон уште една победа. Мадуеке постигна гол во 69. минута за 2:1, додека во 76. минута голманот на Баерн, Нојер направи голема грешка, а Мартинели постигна гол за 3:1. Арсенал дури во ова коло го прими својот прв гол во Лигата на шампионите.
И победничката серија од четири триумфи на Интер заврши во Мадрид, каде што италијанскиот тим беше поразен од Атлетико Мадрид со 2:1.
Интер беше многу подобар во текот на натпреварот, но рано прими гол уште во 9. минута по голот на Алварез. Во 54. минута Зиелински израмни на 1:1, но на самиот крај од натпреварот, Италијанците беа шокирани. Хименез постигна гол во 93. минута за урнебесна мадридска прослава.
Дури седум гола беа постигнати во Пиреја, каде што Реал тешко стигна до очекуваната победа против Олимпијакос. Беше 3:4 за Реал, а сите четири гола за гостите ги постигна феноменалниот француски напаѓач Килијан Мбапе.
На Мбапе му беа потребни само шест минути и 42 секунди за својот „хет-трик“ во Пиреја, што е втор најбрз „хет-трик“ во историјата на Лигата на шампионите. Рекордерот сè уште е Мохамед Салах, кој постигна три гола за шест минути и 12 секунди.
Еден гол повеќе беше постигнат во Париз, каде што бранителот на титулата ПСЖ го победи Тотенхем со 5:3. Гостите водеа со 0:1 и 1:2, имаа и 3:3, но сепак беа далеку од изненадување. Играч на натпреварот беше Португалецот Витиња од ПСЖ, кој постигна три гола. Останатите два за ПСЖ ги постигнаа Фабијан Руиз и Пачо, а за лондонскиот тим погодија Рикалрисон и два гола даде Коло Муани.
Аталанта го растури Ајнтрахт во Франкфурт со три гола за само шест минути од второто полувреме, а Спортинг Лисабон го победи Клуб Бриж со ист резултат, што беше трета победа на Спортинг во Лигата на шампионите.
Во првите два натпревари од денешната програма Пафос ремизираше 2:2 со Монако во Лимасол, иако гостите водеа двапати, а двата тима веќе ремизираа по трет пат оваа сезона во Лигата на шампионите и имаат по една победа и еден пораз.
ФК Копенхаген ја забележа својата прва победа во Лигата на шампионите по победата од 3:2 на домашен терен против Каират, иако водеше со 3:0 до 81. минута.
Шампионот на Казахстан, Каират останува без победа, со едно реми и четири порази.