Северна Македонија од денес официјално дел од СЕПА
Министерството за европски прашања денес информираше дека Република Северна Македонија официјално започнува со примена на Единствената зона за плаќања во евра (SEPA)
Северна Македонија од денес и официјално стана дел од СЕПА, што значи полесни и побрзи плаќања во евра.
Министерството за европски прашања денес информираше дека Република Северна Македонија официјално започнува со примена на Единствената зона за плаќања во евра (SEPA), со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат и примаат плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА под исти услови како и во Европската Унија (ЕУ).
„Денес, со започнување на практичната примена за полесни, побрзи и поевтини трансакции во евра, Северна Македонија и официјално стана активен дел од европската зона за плаќања, што претставува важен чекор во унапредување на интеграцијата со единствениот европски пазар“, се наведува од Министерството.
Приклучувањето кон СЕПА „е дел од активностите во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој има за цел да ја забрза економската интеграција на земјите од регионот со Европската Унија преку зголемен пристап до единствениот пазар, поттикнување на инвестиции и унапредување на финансиските услуги“, додаде Министерството.
Оттаму се истакнува дека овој значаен напредок претставува конкретен резултат од заложбите на Владата и на Министерството за европски прашања на Република Северна Македонија за спроведување на европските стандарди и подобрување на условите за граѓаните и бизнисите.
„Со имплементацијата на СЕПА-плаќањата, нашата земја се приближува кон европските финансиски текови и го потврдува својот континуиран напредок на патот кон членство во Европската Унија“, соопшти Министерството за европски прашања.