Денеска почнува зимското сметање на времето
Бројот на земји што го менуваа часовникот значително се намали меѓу двете светски војни и летното сметање на времето беше повторно воведено по нафтената криза во 1970-те, за да се заштеди енергија
Од недела 27. октомври, со поместување на часовникот за еден час наназад, почнува зимското сметање на времето, со што времето во 3 часот ќе се смета како 2 часот.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година.
Последните години во Европа се води јавна дебата дали е потребно да дојде до прекин на сезонските промени на времето од зимско во летно и обратно, особено поради проблеми со физичкото и психичкото здравје на луѓето поради промената на биоритамот.
Повеќето земји во Европа и речиси цела Северна Америка ги поместуваат стрелките на часовникот двапати годишно, практика за прв пат воведена од Германија во 1916 година во екот на Првата светска војна за да се заштеди јаглен што се користи за осветлување.
Нејзиниот пример го следеа Велика Британија, Русија и САД, а повеќе од 140 земји воведоа сезонска промена на часовникот.
Основната идеја била подобро да се искористи дневната светлина, за што во 1784 година се залагал американскиот политичар и научник Бенџамин Френклин, кој објавил есеј во кој предлага луѓето да стануваат порано и на тој начин да заштедат на свеќи.
Бројот на земји што го менуваа часовникот помеѓу двете војни значително се намали меѓу двете војни и летното сметање на времето беше повторно воведено по нафтената криза во 1970-те, за да се заштеди енергија.
Летното сметање на времето во поранешна СФР Југославија е воведено на 27 март 1983 година.
Иако сите земји во ЕУ од 1996 година го менуваат часовникот двапати годишно, во 2018 година Европската комисија предложи да се укине оваа практика, а членките на ЕУ требаше да се изјаснат до април 2020 година дали ќе останат со летно сметање на времето или ќе се префрлат на зимско сметање на времето.
Конечната одлука не беше донесена поради Брегзит и Ковид кризата, но пред сѐ поради недостаток на консензус меѓу земјите-членки, првенствено во врска со прашањето дали е подобро трајно да се остане на летно или зимско сметање на времето.
Европската комисија во јули објави дека оваа година ќе започне нова студија за укинување на одлуката за полугодишно поместување на стрелките на часовникот, откако една европратеничка формално побара дополнителна анализа на ова прашање.
Европските политичари стравуваат од административен и економски хаос ако настане разногласие меѓу земјите членки и земјите кандидати или партнери.
Шпанската влада, пак, пред неколку дена објави дека ќе ѝ предложи на Европската Унија трајно да ја укине промената на зимско и летно сметање на времето, наведувајќи дека тоа е застарена практика и оти поместувањето на часовникот двапати годишно повеќе нема смисла“.
Европратеници сметаат дека сега е добро време за гласање во Европскиот парламент за укинување на оваа практика во 2026 година, бидејќи сегашниот процес на планирање, кој Европската комисија го спроведува на секои пет години, истекува следната година.
Одредени земји во светот одамна ја укинаа практиката на менување на пресметувањето на времето, а најпознат пример за земја е Русија, која се протега низ 11 временски зони, а која во 2014 година го отфрли летното сметање на времето.
Времето не се менува во Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Туркије, Грузија, Белорусија и низ африканскиот континент.