Тајланд го суспендираше мировниот договор со Камбоџа откако тајландските војници беа сериозно повредени во нова експлозија на мина во погранична провинција.
„Сите операции согласно Заедничката декларација за тајландско-камбоџански односи, потпишана во Куала Лумпур на 26 октомври, мора веднаш да бидат запрени“, изјави тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул.
На 26 октомври, двете земји потпишаа мировен договор во Куала Лумпур во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп и малезискиот премиер Анвар Ибрахим.
Камбоџа и Тајланд се согласија на безусловно примирје на 28 јули на трилатерален состанок организиран од Анвар по неколку недели непријателства.
„Непријателството за кое се надевавме дека ќе стивне, очигледно не е стивнато. По инцидентот од утрово, соработката засега не може да продолжи“, рече Анутин.
Експлозијата на мина се случила во понеделник наутро, за време на патролата на војниците во граничната покраина Си Са Кет.
Двајца војници беа ранети, при што едниот ја загуби десната нога, а другиот се здоби со повреди на градите.
Анутин им рече на новинарите дека секој иден напредок ќе продолжи само ако е во интерес на Тајланд.
Според министерот за одбрана, генерал Натафон Накпанич, „формални протести ќе бидат поднесени веднаш“.
„Што се однесува до прашањето за воените заробеници, тоа засега ќе биде одложено. Доколку се покаже дека ова било намерно, ќе има посериозни последици“, додаде тој.
Портпаролот на владата Сирипонг Ангкасакулкиат изјави дека „прерано е да се каже“ дали суспензијата е „на неопределено време“.
„Откако ќе биде поднесен протестот, ќе ги процениме нашите следни чекори“, додаде тој.
Во меѓувреме, Камбоџа ја нагласи својата посветеност на неодамна потпишаната Заедничка декларација на Куала Лумпур за мир, соработка и просперитет, според дневниот весник „Кмер тајмс“.
Генерал-потполковник Рат Дарарот, државен секретар во Министерството за национална одбрана, рече дека Пном Пен е посветена „на спроведување на своите обврски и изрази подготвеност да соработува тесно со Тајланд за взаемна корист на двете земји и народи“.
















