Гутереш предупредува: Емисиите на стакленички гасови на највисоко ниво
Емисиите на стакленички гасови кои предизвикуваат глобално затоплување се на највисоко ниво и постојано се зголемуваат, предупреди Гутереш.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш во пресрет на следниот самит за климата (COP27) го повика светот да дејствува за да се спречат климатските катастрофи и да се спаси човечкиот вид.
Гутереш на состанокот во Киншаса, главниот град на Демократска Република Конго, рече дека 20-те најбогати земји во светот не прават доволно за борба против климатските промени.
Тој предупреди дека емисиите на стакленички гасови кои предизвикуваат глобално затоплување се на највисоко ниво и постојано се зголемуваат.
Гутереш истакна дека е време за компромис меѓу развиените земји кои испуштаат најголем дел од овие гасови и економиите во развој кои генерално најмногу страдаат од негативните последици.
Како што рече, сега е време да се дејствува.
„Недејствувањето дополнително ќе доведе до дополнително губење на довербата и дополнително оштетување на климата. Ова е морален императив што не може да се игнорира“, рече Гутереш.
Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени 2022 - COP27, ќе се одржи од 6 до 18 ноември 2022 година во Шарм Ел Шеик, Египет.