Патување низ времето со колекцијата антиквитети на Марјан Христов
Неговата богата колекција антиквитети ја сочинуваат летири до пет милиони предмети. Најголем дел поврзани со поранешната СФРЈ и различни периоди од македонската државност.
Значки, медали, етно накит, спортски реквизити, музички колекции. Сето ова го има во приватниот мини музеј „Носталгија” на Марјан Христов во Смолари. Младиот ентузијаст има собрано четири до пет милиони предмети, главно врзани за поранешна Југославија и повеќе историски периоди од макдонската државност. Иако роден 1987 година има доста познавања за поранешната држава која се распаднала кога тој имал 13-14 години.
„Поинтензивно почнав да собирам од 2007 година. Кога работевме по куќи кога се уриваат куќи, ѕидови од камен па ќе си најдеш некои работи и си го земаш. Зошто да го фрлиш. И после имавме игралиште под селото одевме таму на фудбал и секој пат по патиштата ќе најдеш некоја вазна некоја чаша и така почнаа да се собираат работи, стари фотографии. За оваа збирка тука југословенската се e собирано во границите на поранешна Југославија”, вели Марјан во разговор за ТРТ Балкан.
Во неговата колекција можат да се најдат и скијачки ракавици за кои се верува дека биле сопственост на скијачот Јуре Франко на олимпијадата во 1984 година во Сараево. Освен предметите поврзани со минатото од СФРЈ, особено е горд кога ќе пронајде предмети кои се поврзани со неговиот роден крај.„Ова тука е „почасна паљба”. Со неа е пукано на осми мај на Калемегдан во Белград. И прочитав дека имало околу 40 и се однесени во Цеље. Tаму се претопени. Некои се печатени, а имало само осум изгравирани. Едната ја имам купено во Смедерево. Најдраги ми се предмети кога наоѓам од периодот на Краљевина Југославија и понатаму, предмети поврзани со моето село и со Струмица” објаснува Марјан.
Тој е повратник од странство кој дел од својот живот го минал во Германија и Швајцарија. Неодамна се вратил и нема намера да го напушти Смолари. Има големи планови за проширување на музејот.
„ Во ноември, годинава што помина се вратив целосно. Откажав и виза и се. Повеќе не мислам да одам никаде во странство. Се уште не можам да му се изнарадувам на моето село и на Македонија. Сакам да останам тука еден период. Да се смирам, тука сум опуштен, тука сум среќен, тука правам тоа што ме исполнува. Дома си е дома. Каменот си тежи на местото. И почувствував како некоја грутка во градите да ме стега и морав таму да напуштам се и да се вратам тука” вели Марјан.
Тој има издадено две збирки поезија и една монографија за Смолари.