Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, во среда пред Генералното собрание на ОН изјави дека земјата ќе одржи избори како дел од транзицијата кон целосна демократија, но не даде конкретен датум за нив.
„Сакам да бидам многу јасна пред ова Генерално собрание: ќе има избори во Венецуела“, изјави Родригез, која како потпретседател дојде на власт откако американските сили на почетокот на јануари во воена операција го заробија тогашниот претседател Николас Мадуро..
Родригез рече дека владата започнала разговори со опозицијата и ќе гарантира учество на сите политички сили. Таа додаде дека државните институции се подготвуваат за изборниот процес.
„Венецуела започна процес на демократска трансформација за нејзино обновување, уреден, институционален и проверлив процес, за изградба на земја која ќе биде послободна за сите, попросперитетна и во мир со себе, рече Родригез.
Венецуелските и американските власти претходно ја нагласија потребата од одржување избори, но дури и приближен датум сè уште не е одреден.
Опозицијата верува дека назначувањето на независен Врховен суд и Национален изборен совет е од суштинско значење за распишување на такви избори.
Во вторник, Родригез се сретна накратко со американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на Генералното собрание на ОН и го пофали за повторното започнување на дијалогот со Венецуела.
Трамп и Родригез разговараа за реструктуирање на националниот долг на јужноамериканската земја тежок неколку милијарди, а Вашингтон инсистираше на политички промени, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
„На крајот нагласивме дека за да биде успешен овој проект, мора да заврши со слободни и фер избори“, рече Рубио.
Соединетите Американски Држави изјавија дека Венецуела прво мора да се стабилизира и економски да се опорави пред да се одржат избори.
„Ова е време да се изгради земја во која многу луѓе сакаат да се вратат“, рече Родригез, но предупреди дека економското закрепнување ќе потрае.

















