Македонските превозници вечерва се повлекуваат од блокадите на граничните премини
Загриженоста што ја иницираа транспортните оператори од Западен Балкан е значајна и свесни сме за тешкотиите со кои се соочуваат превозниците, изјави извршната потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен
Македонските превозници вечер во 20 часот ќе се повлечат од блокадите на товарниот дел од граничните премини, одлучи попладнево на состанок Aсоцијацијата Макам-транс, откако Европската комисија донесе одлука за носење нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи, за престојот 90 во 180 дена во шенген-зоната.
„Бидејќи е добиена потврдата за промени која ја очекувавме, Ве информираме дека протестот кој беше организиран од страна на Асоцијација Макам-транс на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење ќе биде прекинат од вечерва, 29.01.2026 година од 20:00 часот за влез и излез од државатаЕ, соопштија од Асоцијацијата.
Од Макам- транс се заблагодарија на сите кои во изминатите денови ја дале својата поддршка и солидарност со блокадата на граничните премини.
„Вашето заедништво и истрајност дадоа резултати, согласно официјалното известување од министерот за транспорт Александар Николоски, Европска комисија донесе одлука да донесе нова стратегија за Визи која ќе значи решавање на проблемот со кои се соочија професионалните возачи, за престојот 90 во 180 дена“, рекоа од Макам-транс.
Транспортните превозници од Западен Балкан пред четири дена поставија камиони на граничните премини кон земјите од Шенген-зоната, барајќи Европската Унија (ЕУ) да го измени правилото за електронска евиденција за престој на превозниците во зоната.
Протестот е против примената на системот за престој во Шенген-зоната и правилото 90/180 дена, кое, според камионските превозници, ја парализира нивната работа.
Камионските превозници се револтирани од правилата на ЕЕС бидејќи, според нив, тие се третираат како туристи и дозволен им е престој во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.
„Загриженоста што ја иницираа транспортните оператори од Западен Балкан е значајна и свесни сме за тешкотиите со кои се соочуваат превозниците, изјави извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, при презентацијата на стратегијата за визи на ЕУ и на европската стратегија за управување со азил и миграција, усвоени на денешната седница на Колеџот на комесарите.
Црногорските превозници претходно денеска најавија дека ги прекинуваат блокадите, а се очекува истото да го сторат и превозниците во Босна и Херцеговина и Србија.