Соединетите Американски Држави и Израел подготвуваат можни нови воени операции против Иран оваа недела, пишува денес Њујорк тајмс, повикувајќи се на информирани извори.
Двајца претставници од Блискиот Исток изјавија дека САД и Израел интензивно се подготвуваат за можни нови напади врз Иран, најголеми откако стапи на сила прекинот на огнот.
Според американски и блискоисточни извори, Пентагон размислува за продолжување на операцијата „Епски бес“, која беше суспендирана откако Трамп прогласи прекин на огнот минатиот месец.
Аналитичарите проценуваат дека Вашингтон се соочува со сериозна дилема, бидејќи само новите воздушни напади тешко би можеле да го принудат Иран да ги прифати американските барања.
Како една од можностите се споменува специјална операција за преземање на иранските залихи на високо збогатен ураниум, за кој САД и Израел тврдат дека може да се користи за производство на нуклеарно оружје.
Сепак, експертите предупредуваат дека таквата акција би можела дополнително да ги загрози американските војници и да ја ослабне јавната поддршка во САД за продолжување на војната.
Њујорк тајмс потсетува дека американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Иран со нови воени напади доколку Техеран не се согласи со барањата на САД во врска со нуклеарната програма.
Во објава на социјалните мрежи, американскиот претседател му порача на Иран дека мора да дејствува брзо „или нема да остане ништо“, додавајќи дека „часовникот отчукува“.
Преговорите меѓу САД и Иран за нуклеарната програма се во застој со недели, додека Вашингтон бара значително ограничување на збогатувањето на ураниум од страна на Иран и прекин на обидите за блокирање на Ормускиот Теснец, клучен поморски пат за транспорт на нафта и гас, забележува весникот.









