Разбиен митот за 10.000 чекори дневно

Седум илјади чекори на ден се поврзани со намалување од 38 проценти на ризикот од деменција, намалување од 22 проценти на депресија и намалување од 14 проценти на дијабетес

Иако луѓето одат со различна брзина, 7.000 чекори се приближно еквивалентни на еден час одење во текот на денот / AP

Луѓето кои прават 7.000 чекори дневно имаат драматично помал ризик од низа сериозни здравствени проблеми, според најголемата досега мета-анализа на постојните докази. 

Најчестата цел која се спомнува за луѓето кои ги следат своите чекори е 10.000, но таа бројка наводно доаѓа од маркетиншка кампања за јапонски педометар во 1960-те. За да пронајдат научно попрецизна цел, меѓународен тим истражувачи прегледа 57 претходни студии во кои учествувале 160.000 луѓе.

Резултатите, објавени во списанието Лансет јавно здравје (Lancet Public Health), сугерираат дека 7.000 чекори дневно речиси го преполовиле ризикот од предвремена смрт од сите причини, во споредба со 2.000 чекори.

Студијата, исто така, ги разгледа здравствените проблеми што претходните студии за броење чекори ги пропуштиле. Седум илјади чекори на ден беа поврзани со намалување од 38 проценти на ризикот од деменција, намалување од 22 проценти на депресија и намалување од 14 проценти на дијабетес.

Исто така, беше поврзано со пониски стапки на рак, но истражувачите предупредија дека ова се базира на помал број докази.

„Не треба да достигнувате 10.000 чекори секој ден за да ги добиете најголемите здравствени придобивки“, изјави за АФП коавторот на студијата Пади Демпси, медицински истражувач на Универзитетот во Кембриџ.

„Најголемите придобивки се случуваат пред 7.000 чекори, а придобивките имаат тенденција да се намалуваат после тоа“, додаде тој.

Иако луѓето одат со различна брзина, 7.000 чекори се приближно еквивалентни на еден час одење во текот на денот. 

Демпси нагласува дека луѓето кои веќе успеваат да направат 10.000 или повеќе чекори треба да продолжат да го прават тоа.

Но за луѓето кои сметаат дека 7.000 чекори се многу, тој рече: „Не се обесхрабрувајте“.

„Ако достигнувате 2.000-3.000 чекори дневно, стремете се да додадете уште 1.000 чекори. Тоа се само 10-15 минути брзо одење распоредени во текот на денот“, рече тој. 

Ендру Скот, истражувач на Универзитетот во Портсмут, кој не бил вклучен во студијата, рече дека „тоа покажува дека повеќе е секогаш подобро во целина“.

„Луѓето не треба премногу да се фокусираат на бројките, особено во деновите кога се ограничени“, додаде тој.

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува најмалку 150 минути умерена до енергична физичка активност секоја недела. 

Речиси една третина од луѓето ширум светот не успеваат да ја исполнат таа цел, според СЗО.