Ердоган: Спасувањето преживеани е утеха во црната слика по земјотресите
„Туркије ќе продолжи со напорите за потрага и спасување додека последниот преживеан не биде извлечен од урнатите згради“, рече Ердоган.
Најмалку 35.418 луѓе загинаа во двата силни земјотреси што ја погодија јужна Туркије на 6 февруари, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган по владината седница во Управата за справување со вонредни ситуации (АФАД). Тековните напори за спасување на преживеаните од под урнатините се утеха во црната слика по земјотресите, рече претседателот Ердоган.
„Туркије ќе продолжи со напорите за потрага и спасување додека последниот преживеан не биде извлечен од урнатите згради“, рече Ердоган додавајќи дека Туркије веднаш почнува со изградба на 30.000 домови со почетокот на следниот месец.
Тој ја повтори заложбата за обнова на јужниот регион погоден од земјотресот како дел од едногодишниот план.
Потресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени минатата недела беа со епицентар во Кахраманмараш и погодија девет други провинции - Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије и Шанлиурфа.
Повеќе од 13 милиони луѓе се погодени од разорните земјотреси.
Неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Сирија и Либан, исто така ги почувствуваа силните потреси што ја погодија Туркије за помалку од 10 часа. Говорејќи по состанокот на владата во главниот град Анкара, Ердоган рече дека „13.208 повредени сè уште се лекуваат во нашите болници“. Повеќе од 249.000 лица за пребарување и спасување моментално работат на терен, се вели во соопштението на АФАД.
Претседателот Ердоган рече дека 28.000 турски војници на должност во зоната на земјотресот во јужниот дел на земјата. Според АФАД, од регионите погодени од земјотресот досега се евакуирани речиси 195.962 лица.
Кампања „Едно срце Туркије“ Кампањата за помош ќе се одржи во среда во Туркије, Азербејџан, Турската република Северен Кипар по смртоносните земјотреси со слоганот „Едно срце Туркије“, објави претседателот Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган повика на единство и солидарност по смртоносните земјотреси во јужните провинции.
Сочувство и солидарност со Туркије изразија од целиот свет при што многу земји испратија спасувачки тимови и помош.
Турскиот министер за здравство Фахретин Коџа рече дека вкупно 15 бебиња погодени од земјотресите се донесени во болница во Анкара на сеопфатни здравствени проверки.
Вкупно 9.046 странски персонал од 82 земји моментално работат во зоната на катастрофата, соопшти во вторникот Министерството за надворешни работи на земјата. Исто така, се вели дека 100 земји понудиле помош досега, а уште две се очекува да испратат спасувачки тимови.
Покрај спасувачките екипи, во погодените области беа испратени и ќебиња, шатори, храна и тимови за психолошка поддршка, заедно со над 12.300 возила, вклучувајќи багери, трактори и булдожери. Повеќе од 227.762 шатори, 2.607.390 ќебиња и 48.271 контејнери се испратени во 10-те најтешко погодени провинции, соопшти АФАД.
По првичниот земјотрес, турските вооружени сили воспоставија воздушен мост за испорака на средства за помош и тимови за пребарување и спасување во регионот. Голема флота авиони, вклучително и А-400М, превезуваа тимови за пребарување и спасување и возила во регионот. Авионите на брза помош го користат и воздушниот мост. Спасувачки и хуманитарен персонал и материјали се испратени во регионот со 170 хеликоптери и 76 авиони, соопшти АФАД.
Вкупно 26 бродови исто така беа распоредени во регионот за транспорт на персонал и материјал и за евакуација.