Северна Македонија и Словенија потпишаа нов Договор за одбранбена соработка
„Македонската приказна во НАТО е успешна, но останува уште една стратешка цел која мораме да ја направиме да биде реалност. Благодарни сме за вашата неизмерна поддршка на патот на Северна Македонија кон ЕУ“.
Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, и словенечкиот министер за одбрана, Марјан Шарец, денеска во Министерството за одбрана го потпишаа Договорот за соработка во одбраната помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија.
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за одбрана на Северна Македонија.
Петровска и Шарец остварија тет-а-тет средба и билатерална средба со делегациите од двете држави, по што следуваше и заедничка прес-конференција во Клубот на пратеници.
„Со задоволство го потпишавме новиот Договор за соработка во одбраната помеѓу двете влади, што несомнено ќе придонесе во градењето на нашето пријателство и нашата соработка. Областите во кои ќе соработуваме се бројни, но она што е најзначајно е дека преку реализацијата на овој Договор ќе придонесеме кон зајакнувањето на мирот, довербата, стабилноста и просперитетот во земјите од регионот, но и во целата евроатлантска област“, рече Петровска на заедничката прес-конференција со словенечкиот министер за одбрана.
Петровска истакна дека двете земји заеднички придонесуваат во мултинационалните сили во Латвија со што јасно покажуваат дека не отстапуваат од заедничката цел, а тоа е безбедна Алијанса и сигурни граѓани.
Таа се заблагодари за континуираната словенечка поддршка во процесот на интеграција кон Европската Унија и за помошта за да се изгради заедничкиот европски мост.
„Македонската приказна во НАТО е успешна, но останува уште една стратешка цел која мораме да ја направиме да биде реалност. Благодарни сме за вашата неизмерна поддршка на патот на Северна Македонија кон ЕУ и за тоа што ни помагате да го изградиме овој заеднички европски мост“, додаде Петровска.
Словенечкиот министер Шарец порача дека е исклучително важно што ја продолжуваат соработката во меѓународните операции и мисии и што детектираат нови области во оваа област.
Заедничкиот придонес во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, тој го нарече „успешна приказна“.
„Заедно даваме видлив придонес во сојузничката одбрана и одвраќање, додека истовремено ја зголемуваме подготвеноста и поврзаноста на нашите вооружени сили, што демонстрира една регионална димензија на соработка. Словенија одлучи да го продолжи своето воено присуство во Латвија и ние неизмерно го цениме вашиот придонес и вашата подготвеност да продолжите успешно да соработувате со нас во овој ангажман“, заклучи Шарец.