| Macedonian
РЕГИОН
2 мин читање
Сиљановска-Давкова: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан
Говорејќи за Западниот Балкан, претседателката нагласила дека регионот не е надвор од Европа, туку е дел од нејзината историја, инфраструктура и безбедносна архитектура, при што Европа и Западниот Балкан ги опиша како „систем на поврзани садови“.
Сиљановска-Давкова: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан
Сиљановска-Давкова: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан / Other

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова заедно со 50 шефови на европски држави и влади, учествуваше на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, чија централна тема е „Европа: силна, безбедна и поврзана“.

Сиљановска-Давкова се обратила на панел-дискусијата „Градење компетитивна Европа - иновација, поврзаност и достапна енергија“, на кој говорела за поврзаноста меѓу европската конкурентност, иновациите, енергетската безбедност и интеграцијата на Западниот Балкан.

Во своето излагање, претседателката истакнала дека Европа ја црпи својата сила од способноста различноста да ја претвори во соработка, а соработката во заедничко дејствување оценувајќи дека токму во оваа способност се наоѓа и еден од клучевите на европската конкурентност.

Конкурентноста денес, посочила Сиљановска-Давкова, не може да се сведе само на капиталот, големината на пазарите или цената на работната сила, туку сè повеќе зависи од капацитетот да се поврзат знаењето, технологијата, инфраструктурата, енергијата и луѓето, и тие врски да се претворат во иновации, продуктивност и одржлив раст. Поврзаноста, нагласила таа, не е само географско прашање, туку економска неопходност, безбедносен императив и политичка одлука.

Говорејќи за Западниот Балкан, претседателката нагласила дека регионот не е надвор од Европа, туку е дел од нејзината историја, инфраструктура и безбедносна архитектура, при што Европа и Западниот Балкан ги опиша како „систем на поврзани садови“, во кој случувањата во еден дел неизбежно влијаат врз другиот.

Прашањето, според Сиљановска-Давкова, не е само како Западниот Балкан подобро да се поврзе со Европа, туку дали Европа може да си дозволи да остане недоволно поврзана со регион што се наоѓа на пресекот на нејзините стратешки правци, енергетски коридори, пазари и човечки потенцијал.

„Секое одложување на поврзувањето е пропуштена можност. Секоја одложена инвестиција има економска последица. И секоја политичка цел има цена којашто не ја плаќаат институциите, туку граѓаните“, истакнала претседателката.

Во фокусот на нејзиното излагање била и енергетската безбедност, при што таа оцени дека неодамнешните кризи покажаа оти економската зависност може, во одредени околности, да прерасне во стратешка ранливост. Затоа, енергетската безбедност, според неа, не треба да се сфати само како сигурност на снабдувањето, туку и како диверзификација на изворите и правците, меѓусебна поврзаност на системите, технолошкиот капацитет и способноста за носење суверени одлуки.

Зелената транзиција, истакнала Сиљановска-Давкова, не треба да се поставува како избор меѓу одржливоста и конкурентноста, туку како можност одржливоста да стане извор на технолошки иновации, индустриска обнова и економска отпорност, при што иновацијата добива значење на стратешки капацитет, а не само на економски инструмент.

ИЗВОР:TRT Balkan / агенции
Повеќе
Анвар: Нема индикации дека чипови од Малезија биле пренасочени кон Кина по фијаското со Енвидија
Шпанија одобри заштита на домувањето откако политичкиот застој предизвика предвремени избори
Извештај: Русија бара Финска да излезе од НАТО во разговорите во Абу Даби
Повеќе од 5.500 мртви од ебола во Конго во епидемијата што продолжува да се шири
Трамп му порача на Венс да го пренасочи фокусот од Иран кон корупцијата и криминалот во САД
Сиљановска-Давкова: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан
ЦЕНТКОМ: Веста во израелските медиуми за продолжување на војната со Иран е чиста шпекулација
Зеленски се надева дека прекинот на огнот ќе биде тема на разговорите со Русија
Одборот за мир повика на итно спроведување на планот за Газа по израелскиот напад врз болница
Универзитетот во Торонто признава дискриминација против муслимани, Арапи и Палестинци
Иран тврди дека уништил американски радар за рано предупредување во Бахреин
Си ќе се обрати на самитот на АПЕК и ќе одржи билатерални состаноци во Шенжен следната недела
Студентската листа во Србија објавува план за БиХ, ги осудува израелските акции во Газа
Алиев и Пашинјан во Даблин разговараа за мировниот процес меѓу Азербејџан и Ерменија
Европските лидери повикуваат на обединет глас во мировните преговори за Украина