Германија бара договор во ЕУ за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина

Белгиската Влада стравува дека може да се соочи со правни последици и финансиски товар ако планот не биде распределен рамномерно меѓу сите членки и инсистира дека секоја држава од ЕУ мора да ги сподели правните и финансиските ризици

By
Имаме фрустрирачко чувство дека нашата загриженост се потценува, изјави белгискиот министер за надворешни работи, Максим Прево / AP

Германија денес повторно ги повика земјите членки на Европската Унија да постигнат договор за користење на замрзнатите руски средства со цел зајакнување на воените капацитети на Украина.

Говорејќи пред новинарите во Брисел, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул рече дека Берлин продолжува со дипломатските напори за да се постигне договор на претстојниот самит на лидерите на ЕУ за активирање на имобилизираните руски средства.

„Ова мора да биде направено врз сигурна правна основа. Европската комисија работи на тоа и ќе ги претстави своите предлози. Ние го поддржуваме тоа и ги земаме сериозно загриженостите на Белгија. Тие се оправдани, но прашањето може да се реши“, рече министерот.

„Може да се реши ако сме подготвени заедно да ја преземеме одговорноста. Германија е подготвена за тоа и ги охрабрува сите други членки да го сторат истото тоа. Многу сум уверен дека предлогот на канцеларот ќе преовлада“, додаде Вадефул.

Предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, претставен првпат во септември, предвидува доделување заем од 140 милијарди евра за Украина, поддржан со замрзнатите руски средства.

Според Берлин, планот има за цел да ги зајакне воените капацитети на Киев и да ја поттикне Москва да седне на преговарачка маса.

Сепак, Белгија-која е домаќин на европската финансиска институција што ги држи замрзнатите средства- изрази сериозни приговори.

Белгиската Влада стравува дека може да се соочи со правни последици и финансиски товар доколку планот не биде распределен рамномерно меѓу сите членки. Таа инсистира дека секоја држава од ЕУ мора да ги сподели правните и финансиските ризици на овој предлог.

Белгискиот министер за надворешни работи, Максим Прево, денес повторно ги истакна загриженостите на неговата земја.

„Имаме фрустрирачко чувство дека не сме сослушани-нашата загриженоста се потценува. Текстот што Европската комисија ќе го поднесе денес не ги решава нашите загрижености на задоволителен начин“, изјави Прево за новинарите.