Гугл би можел да го престигне Oпен АИ во развојот на вештачката интелигенција
Дополнителна предност доаѓа од фактот дека моделот е обучен на сопствените TПУ чипови на Гугл, со што се избегнува зависноста на компанијата од синџирот на снабдување на Нвидиа и се добива целосна контрола врз хардверот, софтверот и трошоците
Благодарение на својот нов модел на вештачка интелигенција Џемини 3, Гугл би можел да преземе водечка улога во развојот на вештачката интелигенција (ВИ), три години откако компанијата беше изненадена од лансирањето на алатката ЧетГПТ на Oпен AИ.
Како што е наведено во анализата на порталот Верге, за да се победи во глобалната ВИ трка, не се доволни само висококвалитетни модели, туку и огромни ресурси за развој и скалирање, широка дистрибуција на производи, како и пристап до кориснички податоци.
Гугл, за разлика од повеќето конкуренти, е единствената компанија која веќе ги има сите овие елементи истовремено.
Клучен чекор напред беше направен во ноември, кога Гугл го претстави Џемини 3, кој во повеќето релевантни тестови се позиционираше како најдобар или меѓу најдобрите на пазарот на Големи јазични модели.
Дополнителна предност доаѓа од фактот дека моделот е обучен на сопствените TПУ чипови на Гугл, со што се избегнува зависноста на компанијата од синџирот на снабдување на Нвидиа и се добива целосна контрола врз хардверот, софтверот и трошоците.
Гугл и Епл објавија оваа недела дека Џемини ќе ја напојува следната генерација на асистентот Сири, со повеќегодишен договор вреден околу 1 милијарда долари годишно.
На овој начин, Џемини потенцијално ќе добие пристап до стотици милиони корисници, бидејќи Сири обработува околу 1,5 милијарди барања дневно, што значително ќе го намали јазот помеѓу Гугл и ЧетГПТ во однос на бројот на интеракции.
Дополнителен стратешки чекор е воведувањето на функцијата Лична интелигенција, која ѝ овозможува на алатката Џемини да користи кориснички податоци од екосистемот на Гугл - пребарувања, историја на Јутјуб, е-пошта, датотеки и фотографии - за да обезбеди персонализирани одговори без потреба од сложени прашања.
Функцијата моментално е достапна за ограничен број претплатници, но се планира нејзино проширување и интеграција при пребарувањето на Гугл.
За индустријата за вештачка интелигенција, оваа комбинација од најсовремен модел, сопствена инфраструктура, масовна дистрибуција и напредна персонализација претставува клучна предност.
Опен АИ сè уште има силен бренд и голема база на активни корисници, но анализата забележува дека Гугл, преку Џемини, моментално ги поседува речиси сите други стратешки лостови.
Сепак, Гугл сè уште се соочува со предизвици како што е прашањето за приватноста, бидејќи првенствено во Европа собирањето кориснички податоци од повеќе услуги може да биде проблем поради ГДПР (Општа регулатива за заштита на податоци), строг закон на ЕУ од 2018 година кој ги штити личните податоци и приватноста за жителите на унијата.