Христијаните во регионот го одбележаа празникот Водици
Оваа година за фаќање на крстот пријавени беа 160 лица, а од нив најуспешен беше дваесет и четиригодишниот Дарко Митровиќ од Скопје.
Низ македонските градови и низ земјите од Балканот денес христијаните го одбележаа празникот Водици со литургии во храмовите и традиционалното положување на крстот во локалните води.
Централната манифестација за одбележување на празникот во Скопје се одржа кај мостот „Слобода“, по богослужбата во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, го положи крстот во водите на реката Вардар.
Оваа година за фаќање на крстот пријавени беа 160 лица, а од нив најуспешен беше дваесет и четиригодишниот Дарко Митровиќ од Скопје.
Централната манифестација во Белград, главниот град на Србија, се одржа на Ада Циганлија, каде што меѓу 54 учесници победи припадник на жандармеријата.
Во Бања Лука, Босна и Херцеговина, по литијата од Соборниот храм Христос Спасител, положувањето на крстот се одржа во водите на реката Врбас.
Празникот Водици е одбележан и во Црна Гора со литургии и положување на крстот во Подгорица, Бар, Будва, Тиват и други градови.
Според христијанското учење, на овој ден Св. Јован Крстител го крстил Исус во водите на реката Јордан.
Инаку, според христијанското верување, оној кој ќе го фати крстот ќе го следи среќа и благослов цела година, и означува соединување на човекот со Исус, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.