Иран ги оствари првите приходи од таксата наметната за бродовите што транзитираат низ Ормускиот Теснец, една од најважните точки за глобалното снабдување со енергија во светот, изјави денес потпретседателот на Парламентот, Хамидреза Хаџи Бабаи.
„Првите приходи од таксата за транзит низ Ормускиот Теснец веќе се депонирани на сметката на Централната банка“, изјави Бабаи, пренесe полудржавната новинска агенција „Тeсним“.
Пратеникот Алиреза Салими, исто така, за „Тeсним“ потврди дека Иран започнал да наплатува надоместоци од пловилата што минуваат низ теснецот, повикувајќи се на, како што ги опиша, „сигурни извори“.
Според агенцијата, износот на наплатата варира во зависност од видот и големината на товарот, како и од нивото на ризик што го претставува секој брод, додавајќи дека Иран самостојно ги одредува стапките и механизмите за наплата.
Потпретседателот и пратеникот, сепак, не соопштија детали за точниот број бродови што досега ги платиле таксите.
Весникот „Волстрит џурнал“ на 8 април извести дека Техеран презема чекори за зацврстување на контролата врз најважниот светски коридор за транспорт на нафта, наредувајќи им на бродовите однапред да го договорат плаќањето на таксите со Иранската исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) и да плаќаат во криптовалути или во кинески јуани.
Претходно, на 19 март, полудржавната новинска агенција ИСНА објави дека Иран разгледува законска регулатива со која ќе се бара од земјите да плаќаат надоместоци за пловилата што минуваат низ овој стратегиски поморски коридор.
Пловидбата низ Ормускиот Теснец е сериозно нарушена откако на 28 февруари започна војната меѓу САД, Израел и Иран, што ги потресе глобалните енергетски пазари и предизвика страв од долготрајна економска штета.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот го продолжи прекинот на оган со Иран по барање на Пакистан, наведувајќи дека тоа ќе остане на сила сè додека Техеран не претстави, како што го опиша, „обединет предлог“.














