ОН: Околу 650.000 луѓе останаа без покрив над главата во Појасот Газа

Поради израелските напади од копно,воздух и море, 1,9 милиони луѓе се насилно раселени во Појасот Газа каде што живеат околу 2,3 милиони Палестинци. 70.000 куќи се целосно уништени, а 290.000 се делумно оштетени и неупотребливи

By Симона Паскоска
70.000 куќи се целосно уништени, а 290.000 се делумно оштетени и неупотребливи / Others

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања објави дека 650.000 луѓе останале без покрив над главата во Појасот Газа а 100.000 раселени семејства имаат потреба од зимски шатори поради израелските напади кои траат од 7 октомври минатата година.

Од таму додаваат и дека во регионот се создадени 12 милиони тони отпад поради израелските напади врз станбените згради во енклавата и тој отпад треба да се исчисти.

„Се проценува дека повеќе од 650.000 луѓе немаат дом во кој да се вратат. Многу луѓе нема да можат да се вратат во своите домови поради оштетување на инфраструктурата и ризик од остатоци од експлозив“, се вели во извештајот.

Поради израелските напади, 1,9 милиони луѓе се насилно раселени во Појасот Газа, каде што живеат околу 2,3 милиони Палестинци.

Многу раселени Палестинци се засолниле во регионот Рафах, кој се наоѓа на југот на Појасот Газа, кој неодамна беше нападнат од Израел.

Многу цивили кои се засолниле во Рафах се борат да преживеат во кампови составени од импровизирани шатори.

Палестински извори наведуваат дека во Газа, 70.000 куќи се целосно уништени, а 290.000 се делумно оштетени и неупотребливи поради нападите на израелската армија од копно, воздух и море.