| Macedonian
РЕГИОН
3 МИН ЧИТАЊЕ
Се бројат штетите во Црна Гора по земјотресот кај Никшиќ
Мештаните од селата на планината Голија, каде беше епицентарот на земјотресот, пријавија оштетени куќи, плевни, напукнати покриви и одрони на патиштата
Се бројат штетите во Црна Гора по земјотресот кај Никшиќ
Во БиХ земјотресот најмногу се почувствувал во Билеќа, каде нема евидентирани поголеми штети / Photo: AA / AA

По првичниот удар предизвикан од земјотресот со јачина од 5,3 степени рано утринава кај Никшиќ, во Црна Гора почнаа да ги бројат штетите.

Земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала ја погоди Црна Гора во 4 часот и 6 минути, потврди тамошниот Институт за хидрометеорологија и сеизмологија. Епицентарот бил на пет километри југозападно од местото Чараѓе во општина Никшиќ, а земјотресот се случил на длабочина од 14 километри.

Земјотресот беше почувствуван низ цела Црна Гора, но ги вознемири и жителите на соседните Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Албанија.

Како што пренесува порталот Вијести.ме, претседателот на месната заедница Крстач Драгољуб Манојловиќ изјавил дека е причинета материјална штета во Голија каде што бил епицентарот на земјотресот. Срушена е плевната на еден селанец, а како што изјави Манојловиќ, мештаните се јавуваат од секое село на планината Голија и известуваат дека им се оштетени куќите, плевните и покривите.

„На патот Никшиќ - Крстац има неколку одрони“, изјави Манојловиќ.

Поради свлечиштето, што беше предизвикано од земјотресот, патот кон граничниот премин Крстач кон Босна и Херцеговина беше затворен за сообраќај до раните утрински часови.

Според црногорските медиуми, мештаните го расчистиле патот за да помине полицијата.

Одрони се забележани и на неколку делници од локалниот пат во Голија каде има околу 130 домаќинства.

„Не можеме да предвидиме дали може повторно да се случи земјотрес со иста сила или посилен. Она што можеме да го кажеме е дека имавме 30 последователни земјотреси од 5,3 до 1,5 степени според Рихтеровата скала“, изјави Милена Томановиќ од Црногорскиот институт за метеорологија и сеизмологија на прес-конференцијата.

Во Босна и Херцеговина земјотресот најмногу се почувствувал во Билеќа, општинските екипи се на терен, но засега нема евидентирани поголеми штети. Сепак, општинската власт превентивно одлучи денеска во училиштата да нема настава и градинките да не работат.

ИЗВОР:AA
Повеќе
Туск ги призна тензиите со украинските бегалци во Полска
Оман и Иран формираат заедничка група за управувањето со Ормутскиот Теснец
Нетанјаху: Израел мора да „се ослободи од зависноста“ по тензиите со администрацијата на Трамп
Рекордни температури ѝ се закануваат на Шпанија, додека топлотна купола ја зафаќа Европа
Уралоглу: 11 турски бродови безбедно го напуштија Персискиот Залив преку Ормускиот Теснец
Калибаф: Иран ги напушти разговорите во Швајцарија по заканите на Трамп
Пезешкијан: Ефективноста на мировните преговори зависи од целосната посветеност
Израелските акции и шекелот во пад по преговорите САД-Иран
Трамп: Ормутскиот теснец е целосно отворен, а бродскиот сообраќај е нормализиран
Нетанјаху потврди: Израелските трупи ќе останат во јужен Либан
Иран: Завршија техничките разговори со САД во Швајцарија
Иран: Не се преземени дополнителни обврски за нуклеарните инспекции
Ердоган телефонски разговараше со Пезешкијан: Важно е да се преземат сите мерки за регионален мир
Туркије: Ја следиме состојбата на повредените морнари од дрон во Црното Море
Вучиќ разговарал со иранскиот претседател за прекинот на огнот и мировните преговори