| Macedonian
РЕГИОН
3 МИН ЧИТАЊЕ
Пендаровски ги прими писмата на новоименуваниот турски амбасадор
Амбасадорот Фатих Улусој во своето обраќање истакна дека Туркије го цени партнерството што го споделува со Северна Македонија, кое е засновано на меѓусебна почит, доверба и соработка, и додаде дека ја смета нашата држава за важен партнер на Балканот.
Пендаровски ги прими писмата на новоименуваниот турски амбасадор
Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот турски амбасадор / Photo: Кабинет на претседателот на Северна Македонија

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на Фатих Улусој, новоименуваниот амбасадор на Република Туркије во Скопје.

Според соопштението на Претседателскиот кабинет, Пендаровски во обраќањето на церемонијата за предавање на акредитивните писма нагласи дека Северна Македонија и Туркије уживаат долгогодишно традиционално пријателство и изрази задоволство од одличните билатерални односи коишто се карактеризираат со меѓусебна поддршка и почитување.

Тој упати благодарност за целокупната поддршка којашто Туркије ја даваше уште од независноста на Северна Македонија во раните 90-ти години на минатиот век и продолжува да ја дава до ден-денешен.

Претседателот Пендаровски рече дека денес, како сојузници во НАТО, двете земји се соочуваат со особено турбулентни времиња, коишто секако влијаат и на регионот.

Пендаровски посочи дека соработката, довербата и координацијата во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалните миграции, киберзаканите и слични феномени, претставуваат приоритет за сите и се додадена вредност во односите.

Посочувајќи дека двете земји развиваат динамични економски односи, Пендаровски изрази уверување дека постои заемна подготвеност за отворање нови перспективи, со цел натамошно интензивирање на економската соработка и за зголемување на трговската размена, како и соработката во областите на безбедноста, одбраната, земјоделството, образованието, културата, науката.

Амбасадорот Фатих Улусој во своето обраќање истакна дека Туркије го цени партнерството што го споделува со Северна Македонија, кое е засновано на меѓусебна почит, доверба и соработка, и додаде дека ја смета нашата држава за важен партнер на Балканот.

Тој нагласи дека заедничката култура овозможува на едно привилегирано ниво да се одржуваат односите и соработката како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Турскиот амбасадор ги посочи турската заедница, која со векови опстојува на ова поднебје и која работи за развојот и благосостојбата на Северна Македонија, како и турските државјани кои потекнуваат од овде, а се иселени во Туркије, како најважните елементи во меѓусебните односи.

Улусој рече дека со членството на Северна Македонија во НАТО, кое силно го поддржуваат, е додадена и сојузничка димензија во односите, а двете земји со блиската соработка на разни регионални теми го поттикнуваат мирот, стабилноста и просперитетот на Балканот и пошироко.

Турскиот амбасадор подвлече дека Северна Македонија со својата мултикултурна и мултиетничка структура, на целиот Балкан претставува пример во смисла на заеднички соживот во мир на заедниците.

Претседателот Пендаровски му посака на турскиот амбасадор многу успех и добро здравје во извршувањето на неговата амбасадорска мисија.

ИЗВОР:TRT Balkan / агенции
Повеќе
Такаичи на Г7 предложи заедничко складирање на ретките минерали
Осум загинати при пад на американски Б-52 бомбардер во Калифорнија
Опожарени возила со дипломатски статус близу бугарската амбасада во Скопје, Владата го осуди чинот
Аун: Договорот САД-Иран ја признава важноста на Либан за регионот
Турскиот и иранскиот министер за надворешни работи разговараа за договорот меѓу САД и Иран
Почнува Самитот на Г7 со фокус на Блискиот Исток, Украина и ВИ
Израелски политичари: Договорот САД-Иран е стратешки неуспех за Израел
Шестмина Палестинци убиени во израелски напади, бројот на жртви надмина 73.000
Силен земјотрес со магнитуда од 6,2 степени го погоди јужниот дел на Филипини
Барак: Вашингтон ја цени поддршката на Ердоган за регионална деескалација
Израел не се повлекува од Либан и покрај мировниот договор САД-Иран
Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти MKD-GOV-CSIRT стана полноправна членка на FIRST
Пакистан го поздрави договорот меѓу САД и Иран
Американските демократи ги поздравуваат разговорите со Иран, но се прашуваат за цената на конфликтот
Двајца воени пилоти на Пакистан загинаа при уривање на авион за обука