Израелската армија уби четворица Палестинци и повреди осум други за време на рација доцна во понеделникот во селото Кафр Нима во западниот дел на Рамалах на Западниот Брег.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека е информирано од палестинската Општа управа за цивилни работи-одговорното тело на палестинската управа за контакт со израелската страна, за смртта на четворицата Палестинци.
Тие ги идентификуваа убиените како Мохамад Раслан Абдо, Мохамад Џабер Абдо и Ружди Самих Атаја. Името на четвртото лице не беше откриено.
Шефот на селскиот совет, Рафат Калифа, изјави за Анадолу дека повеќе од 50 израелски воени возила извршиле рација во Кафр Нима откако израелските специјални сили отвориле оган врз палестинско возило во селото.
Тој додаде дека израелските сили отвориле оган и врз луѓето кои се обиделе да стигнат до возилото за да ги спасат оние што биле внатре, при што ги повредиле.
Тензиите се зголемени низ Западниот Брег откако Израел започна смртоносна воена офанзива против Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври минатата година.
Најмалку 538 Палестинци оттогаш се убиени, а речиси 5.200 други се повредени од оган на израелската армија на окупираната територија, според Министерството за здравство.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди веднаш да ја прекине операцијата во градот Рафах во јужниот дел на Газа, каде над милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да биде нападнат на 6 мај.














