Најмалку 38 Палестинци загинаа во израелските напади врз Појасот Газа во последните 24 часа, со што бројот на загинатите од 7 октомври се искачи на 37.202 , соопшти во средата Министерството за здравство во опколената енклава.
Во соопштението на Министерството се додава дека во текот на 250-те дена израелски напади врз Газа биле ранети 84.932 лица.
Наведено е дека израелската армија во последните 24 часа извршила три „масакри“ во различни делови на Газа и дека во овие напади животот го загубиле уште 38 Палестинци, а 100 се повредени.
Многу луѓе се уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив, велат од Министерството.
Израел ја продолжува својата брутална офанзива врз Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафах, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната.













